Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, заедно со преставници од француската амбасада, оствари работна посета на Транзитниот прифатен центар „Винојуг“ на јужната граница, а и на Регионалниот центар за упраување со кризи РЦУК Гевгелија.
Тоа е во корелација со активностите и за непосредно запознавање со реалната состојба и ситуација во согласност и со одлуката на Владата за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, и тоа на подрачјата на јужната и северната граница, и акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите низ територијата на државата.
– Се надевам дека нема да дојде до бегалски бран каков што некои најавуваат и покрај тоа што постои некое олабавување на мигрантите и ковид-мерките, што ќе придонесе за раздвижување и проток на луѓе преку границите – рече Ангелов.
Тој истакна дека некои држави ги користат мигрантите за со нив да вршат и политички притисоци, но кај нас се земаат предвид сите тие факти при носењето на одлуките.
Ангелов ја посети и граничната позната локација Камен 59, а потоа оствари средба и со градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков.
Потоа беше остварена и работна средба во РЦУК Неготино.
На почетокот на месецот, прво, по заседавањето на групата за процена под раководство на Ангелов, а по седницата на Управувачкиот комитет, па потоа по разгледувањето на заклучоците од тие седници на Главниот штаб при ЦУК, од тие две владини тела е донесена одлуката на Владата на Република Северна Македонија за постоење кризна состојба на дел од територијата на државата, и тоа на подрачјата на јужната и северната граница. Тоа, како што е децидно наведено во одлуката, е поради висок ризик од зголемен обем на влез и транзитирање мигранти на територијата на нашата држава и поради заштита на јавното здравје од илегална миграција во услови на постоење пандемија прогласена од Светската здравствена организација на вирусот SARS-CoV-2 и спречување негово ширење, со што се загрозуваат безбедноста, здравјето и имотот на населението и тие беа преточени во заклучоци за идни активности. На седницата се утврдија оперативно стручни заклучоци, при што беше донесен акциски план за превенција и справување со влезот и транзитирањето на мигрантите на територијата на Република Северна Македонија.