Веста за повлекувањето на американските трупи од Авганистан надвор од САД ќе се смета како неуспех налик оној на војната во Виетнам, а создадениот вакуум ќе биде доволен за Русија и Кина дополнително да ја тестираат решителноста на американскиот претседател Џо Бајден и неговата администрација, објавува „Фајненшл тајмс“ во колумната насловена „Русија и Кина ќе го стават Бајден на тест по Авганистан“.
Во последните неколку недели, Кремљ постави повеќе војници на својата граница со Украина отколку во кое било време од анексијата на Крим во 2014 година. Минатата недела, Кина испрати рекорден број воени авиони во воздушниот простор на Тајван. Двете земји ја покажуваат комбинацијата на нивната воена моќ со воената реторика.
И самиот Бајден покажа конфронтирачки пристап кон Русија и Кина. Тој претходно го нарече рускиот претседател Владимир Путин убиец, а постапките во Синџијанг, Кина, беа наречени геноцид. Истовремено, САД воведоа економски санкции за двете земји.
Иако се оддалечени со илјадници километри, стратешката состојба во Азија и Европа е слична. И покрај тоа што САД изразија подготвеност и силна поддршка за Тајван и Украина, тие не уживаат јасна безбедносна гаранција. Наместо тоа, САД се потпираат на стратешка двосмисленост, без притоа цврсто да им ветат на двете земји дека ќе ги одбранат доколку бидат нападнати.
– Москва и Пекинг внимателно следат како САД реагираат во едната ситуација, за да ја постават сцената во другата. Потребна ни е поголема стратешка јасност доколку Русија објави војна против Украина, или Кина против Тајван – смета Иво Далдер, поранешен американски амбасадор во НАТО.
Ситуацијата во која се САД, Русија и Кина е еден вид стендоф. Од една страна, постојат гласови на стратези кои советуваат САД да даде гаранција за Тајван, а НАТО конечно да го дозволи пристапот на Украина во воениот сојуз. Но, ваквиот потег може да биде и протолкуван како провокација од страна на Русија и Кина.
Некои западни стратези посочуваат дека Москва и Пекинг можеби ги координираат своите потези со цел да го зголемат притисокот врз администрацијата на Бајден. Тоа се забележува и со зголемување на бројот на средби на високо ниво меѓу руската и кинеската влада.
Но, и покрај тоа, дури и најсамоуверените службеници во Пекинг и Москва сепак се свесни за ризиците кои ги носи директната конфронтација со САД околу Тајван и Украина. Наместо тоа, голема е веројатноста дека Русија и Кина ќе продолжат да ја тестираат решителноста преку користењето тактики на „сиви зони“, кои се граничат, но не се доволни за предизвикување и влегување во отворен конфликт.