Безбедносните сили на Мјанмар денеска ги уапсија главните водачи на кампањата против воениот режим, вклучително и Вај Мо Наинг, кој на мотоцикл водеше протестен митинг во центарот на градот Монива, објави Ројтерс.
„Нашиот брат Вај Мо Наинг е уапсен. Неговиот мотоцикл удри во полициски автомобил“, соопшти на социјалните мрежи, Вин Зо Цјанг, член на групата што ги организира протестите.
„Ројтерс“ пренесува дека тој не бил во можност да го контактира Вај Мо Наинг по телефон, а претходно новинарите на британската агенција разговарале со него додека тој се подготвувал да го започне протестот.
Монива е еден од главните центри на отпорот кон воениот режим што ја собори владата на премиерката Аунг Сан Су Чи со државен удар на 1 февруари годинава.