Брисел – Портпаролот на Европската комисија, Петер Стано, изјави дека не е запознаен со нонпејпер од словенечкиот премиер Јанез Јанша за промени на границите на Западен Балкан и ја повтори официјалната позиција на Европската Унија.
– Позицијата на ЕУ е јасна по прашањето на границите, ништо не треба да се менува – изјави Стано. Тој додаде дека процесот на проширување на ЕУ има цел да поттикне регионална соработка и помирување во регионот. („Аваз“)

Софија – Бугарскиот претседател Румен Радев го потпиша указот за свикување на првото заседание на новото 45-то Национално собрание на Бугарија, на 15 април 2021 година, соопшти прес-службата на шефот на државата. Претходно „Службен весник“ ги објави имињата на пратениците и нивната политичка припадност во 45-то Национално собрание, што беше клучно за бугарскиот претседател да го издаде декретот за свикување на новоизбраниот парламент. („Алсат“)

Загреб – Поради силен ветар и снег во текот на вчерашниот ден, во повеќе делови од Хрватска има забрана за движење на камиони со приколки, двокатни автобуси, тешки товарни возила и друго, а од „Хрватски патишта“ предупредуваат да не се тргнува на пат без посебна причина.
Ова најмногу важи за регионот околу Риека, Далмација и Истра. За цела Хрватска беше издаден метеоаларм, освен за истокот на земјата. Жолт аларм има поради ветар, дожд, грмежи, а во средиштето на земјата и на северот поради снег и мраз. („Јутарњи“)


Бисер балкански

Вакцинација во рамазански пости

Реисот на Исламската заедница во Црна Гора, ефенди Рифат Фејзиќ, ги повика верниците да се вакцинираат против коронавирусот, нагласувајќи дека вакцината не им штети на рамазанските пости, јави агенцијата „Анадолија“.
Фејзиќ по повод почетокот на месецот Рамазан испрати порака „со надеж и желба да се смени нашата состојба кон подобро утре“.
– Имајќи ја предвид сложената епидемиолошка состојба, се повикуваат верниците да ја промовираат предноста од вакцинацијата и да се придржуваат на здравствените мерки и инструкции на Мешихатот за извршување на верските обреди – порача Фејзиќ, објави „Ослобоѓење“.