По изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Општина Кичево, со европски пари наскоро ќе почне изградбата на уште еден капитален објект, со кој во градот и селата ќе биде изградена нова примарна и секундарна канализациска мрежа, со што ќе бидат надминати постоечките проблеми од тесните грла, а Кичево ќе се впише во картата на еколошки градови на стариот континент.

-Наскоро во нашата општина преку ИПА-2 фондовите ќе започне изградбата на нова примарна и секундарна канализациска мрежа, со која ќе бидат опфатени покрај потесното градско подрачје на Кичево и повеќето села во општината. Со овој проект се предвидува изградба на канализациска мрежа чија должина ќе изнесува 106 километри, а ќе се протега од село Србјани до село Зајас и од Кичево до село Премка. Вредноста на овој капитален објект ќе изнесува 13 милиони евра и ќе биде најголема странска инвестиција во нашата општина. Со изградбата на овој систем, досегашните проблеми со тесните грла во постоечката канализациска мрежа ќе бидат минато, а новоизградената мрежа ќе биде димензионирана да ги задоволи потребите во општината на подолг рок. Со реализацијата на овој проект ќе се овозможи подобрување на условите за живот во сите делови од општината, што е и европска интенција- најави градоначалникот на Општина Кичево, Фатмир Дехари.

Со изградбата на новата канализациска мрежа, повеќе нема да се мешаат атмосферската и фекалната вода што во моментов не е случај и, токму поради овој проблем пречистителната станица работи дополнително, со што ја зголемува потрошувачката на струја, бидејќи се преработуваат поголеми количества на вода и други материи.

З.А.