Несомнено, евентуалната експертска влада во Бугарија, секако, ќе мора да ѝ даде приоритет на борбата со коронавирусот и со внатрешните економски проблеми предизвикани од здравствената криза, а многу помалку со надворешната политика. Тоа отвора можност САД и Германија малку порешително да ѝ укажат на Софија за нејзино враќање и почитување на изворните принципи на Унијата, владеење на внатрешното право и стриктно на почитување на меѓународното право, како и да ја поттикнат Бугарија за исчекор кон ново, повисоко ниво, укажувајќи зошто всушност официјална Софија се наоѓа во привилегираното друштво на држави на ЕУ… Во тој контекст, се отвора и прашањето дали со таквиот однос кон Софија, САД и Германија ќе ѝ укажат на штетноста за натамошно опструирање на Бугарија на процесот на проширување. Но, истовремено, тоа го отвора и прашањето дали Германија и САД ќе наметнат некаков нов облик на укажувања и кон нашата земја, со методи и средства што не исклучуваат и притисок врз Македонија да прифати дел од бугарските барања
Македонија со особено внимание го очекуваше исходот од парламентарните избори во Бугарија, со надеж дека новата политичка структура таму ќе успее да се издигне над нерационалните позиции поради кои беше блокиран почетокот на пристапните преговори на земјава со Европската Унија (ЕУ), но со оглед на исходот од изборите, се чини дека македонските евроинтеграции би можеле да останат заглавени на подолг рок.
Имено, партијата на актуелниот бугарски премиер Бојко Борисов победи на изборите, но резултатот не му овозможува самостојно да формира влада, а уште помалку да коалицира со другите партии, кои отворено рекоа дека немаат намера да коалицираат со него.
Во една таква констелација на политичките сили, Борисов повика на формирање експертска влада што би помогнала во справувањето со пандемијата на ковид-19 во земјата, а подоцна кон крајот на годината би организирала нови предвремени избори.
Токму евентуалното формирање експертска влада во Бугарија ја наметнува дилемата дали е тоа шанса за откочување на пристапниот процес на Македонија, со оглед дека таа влада би можела да ги реши горливите прашања без тамошните политички елити да имаат некаква политичка одговорност или, пак, ниту таа ќе отстапи од декларацијата усвоена во бугарското Народно собрание со која е условен почетокот на преговорите на Македонија со ЕУ.
Несомнено, евентуалната експертска влада во Бугарија, секако, ќе мора повеќе да ѝ се посвети на борбата со коронавирусот и со внатрешните економски проблеми предизвикани од здравствената криза, а многу помалку со надворешната политика, што отвора можност САД и Германија малку посилно да притиснат врз Софија за одблокирање на процесот на проширување, што истовремено не исклучува и притисок врз Македонија да прифати дел од бугарските барања.
Според домашните познавачи на состојбите, нема да се промени ништо радикално, без оглед каква влада ќе се формира во Бугарија.
– Во суштина, сметам дека во Бугарија нема да се формира експертска влада, туку таквите најави на Борисов се само купување време и мачкање очи на јавноста во насока дека му се потребни повеќе партнери за да се формира власта, но, од друга страна, ги билда своите позиции дека ќе истапи со некакви поквалитетни кадри што се добри во својата област. На пример, Каракачанов би го заменил со некој многу поквалитетен во областа одбрана, друг министер со некој друг експерт од својата област, но, од друга страна, не се менуваат драстично позициите од таа страна и не може да очекуваме дека позицијата ќе се смени, бидејќи ставовите на ГЕРБ се истите и пред, но и по парламентарните избори – вели Синиша Пекевски, аналитичар.
Според него, дури и да се формира експертска влада, Бугарија нема да попушти во однос на Македонија.
– Бугарија нема да попушти во ниту еден сегмент и реално е да очекуваме дека ние ќе бидеме тие што ќе дадат сè што ќе им побараат. Од друга страна, бугарската надворешна политика е строго утврдена и таа не се менува, така што нема што да очекуваме од Бугарија. Лично, очекувам ние да ги исполниме сите барања што ги имаат Бугарите кон нас. Тоа ќе се случи во наредниот период, со оглед на тоа дека ние тонеме, сè повеќе ќе тонеме и ако се случи широка коалиција кај нас поради решавање на прашањето со Бугарија, на што притискаат САД, тогаш таквото решение ќе биде на наша штета, како и сè претходно – констатира Пекевски, притоа додавајќи дека Македонија ќе загуби во секаква варијанта.
И поранешниот дипломат Драган Јањатов не верува дека Бугарија по изборите ќе го промени односот кон Македонија и ќе овозможи откочување на евроинтеграциите.
– Македонија ништо не би добила од евентуална експертска влада во Бугарија, напротив, ќе се судрат и нивни внатрешни интереси, така што лично не сум оптимист и мислам дека ние премногу очекувавме од тие избори – вели Јањатов.
Тој уште додава дека единствена полза би можело да има од некаков притисок од САД и помалку од ЕУ врз официјална Софија.
– Нема многу причини за оптимизам. Работите премногу излегоа од контрола и тешко е да се поверува дека до крајот на годината Македонија би можела да ги започне преговорите со ЕУ. Времето ќе покаже дали сум во право – истакнува Јањатов.
Универзитетскиот професор Љубомир Цуцуловски исто така не верува дека по изборите во Бугарија нешто ќе се смени во односот на оваа соседна земја кон Македонија, потсетувајќи дека уште во 2019 година бугарското Народно собрание ја усвои декларацијата со која се условуваат македонските евроинтеграции со откажување од историјата, јазикот и идентитетот.
Слично размислува и професорката Билјана Ванковска, според која Македонија ќе остане паричка за поткусурување на која било следна бугарска влада.
– Ним не им е проблем Македонија – таа е само паричка за поткусурување (и за потсмевање од Слави Трифонов и компанија) и лесно ќе ја „решат“, бидејќи постои национален консензус дека Македонци не постојат. Проблемот си го имаме ние дома, со луѓе што се подготвени сè да жртвуваат и едвај чекаат каква-таква влада во Софија да им постави ултиматум – пишува Ванковска на својот фејсбук-профил.