Референдумската кампања повеќе ќе биде информативна отколку пропагандистичка. Сметам дека граѓаните немаат потреба да бидат убедувани, туку треба да бидат информирани за прашањата од договорот, бидејќи сметаме дека во моментот најголемиот хендикеп е всушност незнаењето на точните информации од договорот, имајќи предвид дека според анкетата само три отсто од граѓаните го прочитале договорот.
Ова денеска го изјави вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, по панелот што се одржа во Клубот во пратеници по повод 17-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.
Во однос на тоа како ќе се води референдумската кампања, Османи рече дека има две нивоа на кампања – Владата ќе има организирана структура во која ќе учествуваат коалициските партнери, меѓутоа и политичките партии засебно, кои ќе формираат штабови од централно до најлокално ниво на месни заедници.
– Кампањата има за цел да им долови на граѓаните кои се всушност конкретните позиции на договорот, кои се позитивните последици од имплементацијата – членството во НАТО и ЕУ и кои се негативните аспекти од неуспехот на референдумот – рече Османи.
Тој додаде дека постои законски период кога се спроведува кампања и максимално како Влада се ангажирани да пратиме порака за иднината отколку евалуација на минатото.
Османи рече дека Охридскиот рамковен договор веќе две децении е основа на стабилните меѓуетнички односи, но и основа врз која денес Македонија ја гради својата функционална мултиетничка и мултикултурна демократија.
– Во таа смисла Рамковниот договор претставува и симбол на внатрешната интеграција на РМ и добра водилка за решавање на предизвиците со кои денеска се соочуваме, а тоа е да ја докомплетираме и надворешната интеграција на РМ. Токму во оваа насока денеска ја одбележуваме оваа годишнина тематски преку панел, а темата е токму врската меѓу Охрид и Брисел како што се поврзани процесите на нашата надворешна и внатрешна интеграција – рече Османи.
На прашањето зошто двајца од потписниците на Рамковниот договор денеска не присуствуваа на одбележувањето, Османи рече дека лично разговарал и со двајцата. Љубчо Георгиевски му ветил дека ќе присуствува, но најверојатно не можел да стигне, додека Бранко Црвенковски физички не бил во Скопје за да присуствува на одбележувањето.