Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи одржа работна средба со амбасадорот на Република Франција во нашата земја, Сирил Бомгартнер и делегација на Француската агенција за развој, предводена од регионалниот директор за Западен Балкан Доминик Отберг, на која се разговараше за евентуалните можности за соработка помеѓу нашата земја и Француската агенција за развој.
– Владата е посветена на реализација на проекти со кои ќе се подобруваат условите за живот на граѓаните на Република Македонија, а со кои воедно ќе се трасираи патот кон целосна интеграција на земјата во Европската Унија – истакна во своето обраќање Битиќи, додавајќи дека влегувањето на Француската агенција за развој во Северна Македонија е чекор напред кон продлабочување на соработката помеѓу двете пријателски земји.
Амбасадорот Бомгартнер и регионалниот директор Отберг ја претставија мисијата на Француската агенција за развој и истакнаа дека станува збор за тело кое остварува меѓународни проекти кои се во согласност со политиките на Владата на Република Франција, кое е воспоставено пред повеќе од 80 години и има активности во над 100 земји во светот.
Според нив, со отворањето на регионалната канцеларија за Западен Балкан, пред околу една и пол година, Франција ја покажа својата силна намера да им помогне на земјите од регионот во подобрување на условите за живот и евро-интеграциските процеси, притоа почитувајќи ги одредбите од Парискиот договор.
Вицепремиерот Битиќи и претставниците на министерствата ги презентираа тековните и идните планирани проекти од инфраструктурата и социјалното домување, поддршка на младите и заштита на културното наследство, унапредување на правосудниот систем, рамномерниот регионален развој, земјоделството, здравството, заштитата на животна средина, енергетика и енергетска ефикасност и поддршка на претпријатијата.
Се согласија дека постои широк спектар на можности за соработка помеѓу Република Северна Македонија и Република Франција, преку Француската развојна агенција, во годините што следат а пред се во интерес на создавање на подобри услови за живот на граѓаните, но и исполнувањето на критериумите за членството на земјата во ЕУ.