Новините за наредното издание се промена на датумот, времетраењето и внесувањето нова категорија за најпопуларен филм

Последното доделување на наградите на Американската филмска академија забележа најнизок рејтинг во историјата, со пад од 16 отсто во однос на претходната година. Во американската филмска индустрија ова е аларм што предизвика да се разговара за измени на манифестацијата, за да се зачуваат популарноста и престижот на најпознатите филмски награди во светот.

Првите одлуки веќе се донесени, но реакциите од јавноста и критичарите се далеку од позитивни.
Академијата соопшти дека ќе повлече три конкретни потези. Првиот е промена на датумот на доделувањето на наградите. Идејата им е да се доделуваат порано. Следната година, во 2019-та сѐ ќе се одвива како досега така што закажани се на 24 февруари, но во 2020 година церемонијата ќе биде поместена на 9 февруари.
Значајно е што една од промените е церемонијата да се ограничи на три часа.

Последица на тоа ќе биде доделување награди за време на паузите за реклами, па добитниците што ќе се смета дека се најмалку битни ќе бидат прикажани дополнително како снимки во текот на шоуто. Иако не е прецизно посочено за кои категории ќе станува збор, се шпекулира дека тоа ќе бидат наградите за микс и монтажа на звук.

Како најзначајна промена е воведувањето нова категорија, а тоа е „оскар“ за најдобар популарен филм. Тоа значи дека најпрестижната филмска награда ќе можат да ја добијат и блокбастери, кои досега, благо речено, беа игнорирани.
Критериумите за селекција и наградување на овие наслови допрва ќе бидат дефинирани, но воведувањето на ова признание се толкува како очајнички потег на Академијата, која поради потребата да привлече гледаност, публика и пари, го жртвува уметничкиот интегритет.

Разновидни реакции имаше кај јавноста, но доминираа негативните.
Додека едни се прашуваа какво значење ќе има еден ваков „утешен оскар“ и што ќе му донесе некому, дури и на Академијата, постојат и други тврдења дека филмовите како „Црниот пантер“ ќе бидат трајно оштетени. Други напишаа дека е лоша идеја, а некои дека „филмскиот бизнис умре денес“. Многумина ја толкуваат оваа категорија како утешна за оние филмови што Академијата нема да ги номинира за во категоријата најдобар филм, па тие ќе треба да се задоволат со „најпопуларен“.
Ако се формира категорија во која по автоматизација сè ќе оди во доменот на киноспектаклот, помалку или повеќе однапред се анулираат шансите за такви филмови за да добијат најдобра филмска награда, без оглед на вистинската вредност што ја имаат.

Иако „Црниот пантер“ е цитиран како најпластичен пример засега, уште подобро е да се праша дали, на пример, некои добитници на „оскар“ за најдобар филм, како што се „Господарот на прстените: Враќање на кралот“ или „Чикаго“ дали воопшто би биле во конкуренција за најдобар филм или би биле турнати меѓу најпопуларните.
Трети критичари, пак, се посветија на потсмев на Академијата, поставувајќи прашање, кога ќе се воведе категорија за гифови. Додека онлајн-публикацијата на филмови „Инди Вајр“ понуди седум далеку попаметни предлози за нови категории, и тоа најдобра каскадерска координација, најдобар директор за кастинг, најдобар дебитантски филм, епохална актерско откритие, најдобра изведба на глас во анимиран филм, најдобра актерска екипа и најдобар оригинален саундтрак.