Малите парламентарни партии, кои со години се залагаат за промена на изборниот модел од шест во една изборна единица, сметаат дека постигнатиот договор помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е гаранција дека, конечно, ќе се донесат долгоочекуваните измени на Изборниот законик.
Пратеникот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, порача дека власта и опозицијата не смеат да бараат изговори ниту, пак, одговорноста да ја префрлаат на други партии, туку што побргу да завршат работните средби и да се изгласа законското решение.
– Знаете дека ние во Собранието веќе поднесовме законско решение за промена на изборниот модел, при што бараме Македонија да биде една изборна единица и притоа бараме да нема изборен праг. Се надеваме дека работните групи во Собранието ќе постигнат договор, кој е прифатлив за нас, а предлагаме и ограничување на амандманската расправа на најмногу 10 дена за да може побргу да се донесе законот. Доколку носењето на измените се развлече, ќе сметаме дека не се конзистентни на договореното. Инсистираме на носење на измените во најбрз можен рок бидејќи постои можност и за вонредни парламентарни избори, кои би се организирале во една изборна единица – вели пратеникот Трајанов.
Поддршка на иницијативата за една изборна единица има од повеќе од 30 пратеници од малите парламентарни партии, кои се дел и од коалицијата на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата ДОМ, која во неколку наврати го иницира предлогот за една изборна единица, стравуваат дека постои опасност од нова амандманска блокада во матичните комисии затоа што нема поддршка од ДУИ.
– Позитивно сме изненадени што лидерите постигнаа договор за една изборна единица, но сепак постои сомнеж дека може да ни се повтори сценариото од минатиот пат, да се соочиме со блокада од илјадници амандмани, овој пат од партијата ДУИ, во која не се расположени да го прифатат предлогот за една изборна единица. Не сакаме да веруваме дека и овој пат ќе бидеме изиграни и дека законот ќе биде предмет на политички пазарења и уцени. Добро е да биде донесен со консензус и сите партии да дадат поддршка. Ние имаме уште едно барање, а тоа е еднаква застапеност на мажите и жените на листите. Нашето барање ќе го преточиме во амандман за да биде дел од измените на Изборниот законик – изјави Мирослав Богдановски, пратеник од ДОМ.
За малите партии, не е спорно дали ќе се разгледува постојниот закон, кој веќе е поднесен, или ќе има нов предлог сеедно дали од страна на група пратеници или предлагач ќе биде Министерството за правда. Велат не е проблем да го повлечат својот предлог и да му дадат поддршка на новиот затоа што суштината е иста.
Инаку, со договорот помеѓу Заев и Мицкоски работните групи на партиите СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во Собранието треба да постигнат договор за измените на изборниот модел во една изборна единица од досегашните шест, за отворени листи за советници на следните локални избори, избор на градоначалник во прв круг со одѕив од 30 отсто од вкупниот број запишани избирачи во општината и гласањето на дијаспората надвор од дипломатско-конзуларните претставништва.