За заштита од новите соеви на коронавирус кои многу побрзо се шират, пулмологот Дејан Докиќ, кој раководи со ковид-центрите на интерните клиники препорачува да се носат по две хируршки маски или „Н 95“ маска. Тој смета дека граѓаните сами треба да ја издигнат заштитата едно ниво повисоко.
– Овој сој се шири полесно оти има мутација на спајк – протеинот. Тоа е протеинот со кој вирусот навлегува во клетката домаќин. Ова настанува со неколку соја. Не е само британскиот. Има бразилски, има уште поагресивен јужноафрикански. Пациентите, заради таа мутација, можат полесно да заболат, што значи, според мене, би требало да се подигне за еден чекор повеќе заштитата што масовно се употребува. Тоа се средствата за лична заштита. Остануваат тие два метра растојание, останува миење на рацете и евентуално да се носат две хируршки маски или да се носи маска „Н 95“, чисто за безбедност. Подобро да бидете посериозни и попретпазливи отколку да ги занемарувате овие мерки – рече пулмологот Докиќ.
Тој не може да каже дали новите соеви дават и полоша клиника слика кај заболените лица. Засега осумдесет отсто од позитивните лица имаат лесна клиничка слика и одат на домашно лекување, а на останатите им треба болничко лекување, но и меѓу нив, поголем е бројот на лица со лесна или средно – тешка клиничка слика.
– Не може со сигурност да се тврди дека овој сој прави потешка клиничка слика. Да, тој заразува поголем број, тоа е точно, затоа реков да се подигнат мерките, но за клиничката слика не може да се тврди бидејќи доаѓаат пациенти кои доцна бараат помош. Дали заради задоцнетото доаѓање е тешка клиничката слика или заради самиот вирус тоа не можеме да го кажеме. Се уште е на ниво на опсервација – објасни пулмологот Докиќ.
Сите досега регистрирани вакцини, според Докиќ, штитат и создаваат антитела против мутираните соеви на вирусот. Тој уверува дека е докажано дека соевите може да бидат спречени доколку граѓаните се вакцинираат со некоја од вакцините.