Во понеделник во 13 часот во Клубот на пратеници ќе разговарам со Христијан Мицкоски за најважните прашања од интерес на граѓаните, со цел државата да ни оди напред, објави на социјалните мрежи премиерот Зоран Заев.
Состанокот е договорен откако претходно вечерва, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, го повика премиерот на средба, бидејќи, како што рече, државата и граѓаните се во грч, а се очекува сериозност и консензус за важни прашања.
– Го повикувам Заев на тет-а-тет средба во Клубот на пратеници во ден и време кога тој ќе избере, стојам на располагање, ќе го прилагодам моето време онака како што на нему му одговара, да разговараме за сите оние проблеми коишто се од животно значење за граѓаните, од кризата од пандемијата, до работата на парламентот, за се што е денеска отворено, а нерешено, а стои на маса – повика Мицкоски изразувајќи надеж дека на овој начин ќе може да се постигне некаков консензус за актуелните случувања.