МИТОВИ ЗА АЛИЈАНСАТА

Членот 5 од Северноатлантскиот договор не е причина за војна, НАТО не е клуб и затоа нема членарина, неговото проширување беше вистинска грешка, НАТО е анахронизам и САД не можат да ги решат неговите проблем. Ова се петте работи за НАТО што најчесто погрешно се толкуваат

Стивен Волт

Од сите глупости што Доналд Трамп ги направи како претседател на САД, ништо не го подгрева бесот на американскиот естаблишмент во надворешната политика како неговото непочитување на НАТО. Тие мислат дека неговата трговска политика е бесмислена, веруваат дека Трамп го изиграл севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун, згрозени се од неговото воодушевување од рускиот претседател Владимир Путин и од другите авторитарни лидери и стравуваат дека може да влезе во глупава војна со Иран. Но критикувањето на НАТО е како да критикувате бејзбол, да тепате убаво кутре или да лобирате за брзо и еднострано разоружување. Ваквиот чин не е само интелигентно политичко несогласување за овие луѓе, туку претставува ерес. За жал, двете страни во оваа жестока дебата ги базираат своите ставови на некакви длабоки недоразбирања за минатото, сегашноста и веројатно иднината на НАТО. Како дел од јавната сфера, ги изнесувам петте нешта што треба да се знаат за НАТО.

1. Членот 5 не е причина за војна
Неодамна во едно интервју за „Фокс њуз“, Трамп даде бизарно и погрешно толкување на клаузулата за заедничка одбрана од договорот на НАТО. Кога го прашаа да објасни зошто неговиот син треба да биде подготвен за да ја одбрани Црна Гора (најновата членка на НАТО), Трамп одговори дека и самиот тој се прашува за истото тоа, нарекувајќи ги Црногорците „многу агресивен народ“ и потоа предупреди дека „тие може да станат агресивни и потоа да избие Трета светска војна“. Нему тогаш му станало јасно, но така функционирале нештата.

Грешка си, Доналд. Ако некој воопшто го прочитал членот 5, тој гласи: „Страните се согласни дека оружен напад против една или повеќе членки од Европа или од Северна Америка ќе се смета за напад против сите нив и затоа се согласуваат дека ако се случи таков оружен напад, секоја од нив, ќе го искористи правото на поединечна или колективна самоодбрана за да им помогне на една или на повеќе нападнати страни со преземање поединечна или здружена соодветна акција, вклучувајќи употреба на вооружена сили за да се врати и одржи безбедноста во северноатлантската област“.

Во превод тоа значи дека иако напад на членка на НАТО се смета за напад на сите членки, ова не важи во случајот ако членка на НАТО го почне конфликтот. Уште поважно, членот 5 не обврзува ниедна од страните да употреби воена сила, иако употребата на сила јасно постои како опција. Наместо тоа, бара од страните да „им помогнат“ на членките што се нападнати, но не прецизира каква ќе биде таа помош.
Во секој случај, во многу сценарија, употребата на сила би била соодветна, како што беше во случајот кога САД се повикаа на членот 5 по терористичките напади од 11 септември и нивните сојузници од НАТО ги испратија своите сили во Авганистан и презедоа други контрамерки против Ал каеда. Но НАТО одби да ја искористи силата за да им помогне на земји-членки во минатото, а дали така ќе постапи во иднина ќе зависи од конкретното сценарио, дадените опции и интересите на членките во тоа време. Токму затоа членот 5 е напишан на тој начин. Како и со многу други прашања, Трамп не беше точно информиран, беше збунет или намерно згреши.

2. НАТО не е клуб и затоа нема членарина
Трамп постојано се жалеше за распределбата на обврските на НАТО и тврдеше дека европските држави „им должат огромна сума пари“ за нивна заштита. Таквите поплаки за т.н. европско искористување траат со години, но обвиненијата на Трамп погрешно го третираат прашањето и целосно ја губат поентата. Не постојат обврски за членството во НАТО и ниедна од членките никогаш не се обврзала да им плати на другите за нејзина заштита. Наместо тоа, секоја држава одлучува колку е подготвена и колку може да потроши во одбраната, а Алијансата како целина се труди (со различен успех) да ги координира ваквите подготовки во одбраната за да создаде поспособна сила.
Неоспорно е дека европските членки на НАТО трошат помал удел од БДП за одбраната од САД. Тие дури уделот не го трошат ефикасно, така што нивната актуелна борбена моќ е многу помала од таа на Америка. Од таа причина, американските лидери од Ајзенхауер до Обама ги критикуваа напорите на Европа, понекогаш и многу жестоко. Но вистинскиот проблем не е уделот на Европа во трошењето, сепак, тоа трошење е далеку поголемо отколку што Русија троши секоја година. Европа може утре да ги удвои трошоците за одбраната и нема многу да придонесе за безбедноста, затоа што таа мора да го промени начинот на организирање на одбраната бидејќи не е јасно за што треба да ги троши парите. Подобрувањето на капацитетите на Европа да ги заштити границите од мигрантите веројатно ќе биде покорисно отколку купувањето повеќе тенкови, суперсонични авиони или артилерија.

Покрај тоа, едноставната споредба на американските и европските удели од БДП не покажува колку треба да изнесува точниот удел. Европа можеби троши премалку или можеби САД трошат премногу. Според мене, барем двата исказа се точни. Во двата случаја, чудно е за Трамп да се обиде да ја притисне Европа да плаќа повеќе додека истовремено го збогатува американското министерство за одбрана со парите на американските даночни обврзници. Добар совет: ако сакате вашите сојузници да трошат повеќе во сопствената одбрана, потрудете се да трошите помалку за нивно субвенционирање.

3. Проширувањето на НАТО беше вистинска грешка
Ако Трамп е збунет околу НАТО, неговите најжестоки поддржувачи остануваат посветени на низата клишеа и догми што беа спорни кога првпат беа воведени и со текот на времето стануваа понеоправдани. Главна меѓу овие митови е идејата дека проширувањето на НАТО ќе создаде огромна зона на мир во Европа и ќе ѝ даде на Алијансата нова, возвишена цел во пресрет на Студената војна.

Но не беше така во практика. За почеток, проширувањето на НАТО ги расипа односите со Русија и играше главна улога во создавањето конфликти меѓу Русија и Грузија и Русија и Украина. Ова не е единствената причина и не велам дека одговорите на Москва беа законски оправдани или базирани на точната перцепција за намерата на НАТО. Само сакам да укажам дека одговорот на Русија не беше изненадувачки, особено ако се земат предвид историјата на Русија и претходните барања на администрацијата на Џорџ Буш да не го проширува НАТО ни „сантиметар на Исток“ по обединувањето на Германија. Одговорните за проширувањето навистина веруваа дека проширувањето на Исток не претставува закана за Русија, но, за жал, лидерите на Русија никогаш не ја примија оваа порака (и немаше да поверуваат во неа дури и да ја примеа).

Проширувањето на НАТО го зголеми бројот на територии што Алијансата формално беше обврзана да ги брани (најмногу балтичките држави), но без значајно зголемување на ресурсите достапни за таа задача. Повторно, оние што се залагаа за проширување претпоставуваа дека овие обврски никогаш нема да се испочитуваат, само за да сфатат и откријат дека тие дале бланко-чек што тешко може да се покрие. Ние знаеме што донесе проширувањето во некои нови членки, чија обврска кон либералната демократија практично беше непостојна. Ваквата ситуација можеби не е фатална мана додека во минатото НАТО ги толерираше недемократските членки (како Турција), но го поткопува правото на застапниците дека НАТО е безбедносна заедница формирана врз основа на заедничките демократски вредности и неопходен елемент во либералниот светски поредок.

4. НАТО е анахронизам
Сите ја знаат познатата досетка за суштинската мисија на НАТО, а тоа е „да ги држи Русите настрана, Американците во игра, а Германците под контрола“. Ако ја тргнеме настрана иронијата, ваквиот јасен исказ имаше смисла за време на Студената војна, особено во почетокот од формирањето на НАТО, кога американските заложби не беа толку големи, заканата од Советскиот Сојуз беше голема, а во повоена Германија штотуку почнуваше еволуцијата и не се знаеше кога ќе заврши. Ниеден од овие принципи не важи денес.

Од целата фама околу подемот на Русија и нејзините непристојни напори да се меша во демократските процеси на другите држави, Русија всушност е сила во опаѓање, која не претставува закана за да доминира со Европа. Бројот на нејзиното население ќе се намали со текот на времето, нејзината средна возраст брзо расте, а економијата останува заглавена во корупција и премногу зависна од енергетскиот извоз чија долготрајна вредност најверојатно исто така ќе се намали. Не заборавајте дека зборуваме за држава чија цела економија, која е главната основа за национална моќ, е помала од онаа на Кина, Јужна Кореја и на Италија. Путин добро игра на послаба карта, но бруталниот факт е дека на Европа не ѝ се потребни САД за да ја штитат, особено кога Франција и Британија исто така располагаат со сопствено нуклеарно оружје.

Никој не треба да се грижи Германците да се под контрола. Населението на Германија се намалува и старее и не постои никаква опасност Германија да му се врати на нацистичкото минато, па дури и загрижувачките десничарски националистички групи како партијата Алтернатива за Германија звучат повеќе како германски изолационисти отколку како идни градители на империјата. Опасноста е што најголемата економија на Европа нема да биде доволна за да се решат постојаните економски проблеми на континентот. Како што посочи бившиот полски министер Радослав Сикорски во 2011 година, тој помалку стравува од германската моќ отколку од германската пасивност.

Валканата мала тајна на НАТО мислам дека е стравот ако САД ја напуштат Алијансата, меѓу нејзините европски членки ќе се јави такво ривалство што го потресуваше постојано континентот во минатото. Мал број Европејци (или Американци) денес признаваат отворено, но вистинската цел е да се зачува улогата на Америка како крајниот „мировник“ во Европа. Проблемот е што Трамп не верува во тоа, а во штитењето на Европа од нејзините најлоши инстинкти е потешко да се верува кога САД се соочуваат со зголемени дефицити (повторно), огромниот геополитички предизвик од Кина и не можат да се оттргнат од Авганистан, Блискиот Исток или војната против тероризмот.

5. САД не можат да ги решат проблемите во НАТО
Несомнено е дека лошо влијаеше справувањето на Трамп со НАТО. Сепак, ако сака да покаже поцврст став во трговијата со Кина и дополнително да ги ограничи активностите на Иран на Блискиот Исток, паметниот стратег ќе ја има Европа на своја страна и конструктивно ќе работи со неа во остварувањето на целите. Трамп го направи токму спротивното, го раскина нуклеарниот договор со Иран, почна трговски војни со сите што му паднаа на памет, ги навреди европските лидери и го наруши својот углед (и оној на САД) до невидени размери. Ова може да им одговара на некои од противниците на САД, но тешко е да се види како ова е од корист на суштинските интереси на американската држава или дури и личните цели на Трамп.

Дури и во тој случај, актуелните проблеми на НАТО почнаа пред мандатот на Трамп и во голема мера се резултат на долготрајните структурни сили. Во отсуство на општа, јасна и присутна опасност, отсекогаш било тешко зачувувањето на една развиена, мултинационална алијанса и на одреден начин претставува доказ за минатата дипломатска умешност, која НАТО ја практикува по секоја цена и покрај неуспесите во Авганистан и Либија и поделбите што избија по војната во Ирак. Дури и Трамп да беше заглавен во статус квото, да ја потврдеше посветеноста на САД и да се однесуваше пристојно со европските лидери, тоа немаше да го спречи постепениот распад на трансатлантското партнерство.

Подобра варијанта ќе беше да се почне постепено, конструктивно и доколку е возможно со пријателско намалување на американската безбедносна улога во Европа со што ќе им биде јасно ставено до знаење на американски сојузници дека Вашингтон повеќе не верува дека треба да има постојано присуство таму и дека планира целосно или речиси целосно да се повлече за пет до десет години. САД би можеле да останат формална членка на НАТО, но повеќе нема да стационираат сили во рамките на Алијансата, повеќе нема да инсистираат врховниот сојузнички лидер во Европа да биде американски претставник и повеќе нема да очекуваат Европејците послушно да го поддржуваат Вашингтон секогаш кога ќе издаде наредби. Трговијата, инвестициите и туризмот ќе продолжат, а американските производители на оружје слободно ќе тргуваат со европските купувачи ако овие држави решат да ја зајакнат одбраната. Во меѓувреме, САД слободно ќе можат да се фокусираат на други проблеми.

Не, не сум ниту антиевропеец ниту пак сум против НАТО. Алијансата беше храбар успех за своето време и која добро им служеше на САД и на Европа во минатото. Но како што наведов во 1998 година, „ништо не е трајно во меѓународните односи, а минатите успеси на НАТО не треба да нè заслепуваат поради неговата зголемена ранливост. Наместо без размислување да се зголемуваат гаранциите за секоја проблематична точка и наместо нашата надворешна политика да ја базираме на претпоставката за трајното партнерство, време е Европа и САД да почнат бавен и постепен процес на раздружување. Ова ќе се случи секако, а паметните државници ќе ги предвидат и ќе ги искористат превирањата во историјата наместо да водат бескорисна битка за да ги спречат“. Ова важеше тогаш, ама сега важи уште повеќе.

Авторот е професор по меѓународни односи на „Харвард“