Премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, ќе биде вакциниран со вакцината на „Астра зенека“, објави хрватски „Индекс“.
– Со оглед на тоа дека го прележа коронавирусот, ќе се консултира со лекарите за точниот датум на вакцинирање. Но, тој сигурно ќе биде вакциниран со вакцината на „Астра зенека“, потврдено е за „Индекс“ вечерва од хрватската Влада.
Владиниот портпарол наведува дека тоа може да биде релативно брзо, веројатно во следните неколку недели.
Пред една недела, откако започна полемиката со можните несакани ефекти на вакцината на „Астра зенека“, Пленковиќ рече дека ќе биде вакциниран со оваа вакцина.
Досега вакцината на „Астра зенека“ ја примија премиерот и претседателот на Словенија, Јанез Јанша и Борут Пахор, како и премиерот на Велика Британија, Борис Џонсон, со цел да им докажат на граѓаните дека е безбедна.
Откако Европската агенција за лекови (ЕМА) даде зелено светло, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Кипар, Летонија, Литванија и Канада најавија дека ќе продолжат со вакцинирањето со „Астра зенека“.