Фото: Маја Јаневска-Илиева

Се надевам дека сѐ ќе биде како што треба и дека во априлскиот бараж ќе добиеме поволен ривал, па ќе си го оствариме сонот со пласман на СП 2021 во Шпанија, рече капитенката Ѓеоргиевска пред средбите од денеска до недела во Скопје со Исланд, Литванија и со Грција

РАКОМЕТ

Исходот од денешниот дуел со Исланд, но и од другите два дуела, со Литванија и со Грција, најмногу ќе зависи од нас самите. Искрено мислам дека нема да имаме проблеми да забележиме три победи на овој турнир, но јасно е дека ќе мора максимално концентрирано и ангажирано да влеземе во секој меч, изјави капитенката на македонската женска ракометна репрезентација, Елена Ѓеоргиевска, во пресрет на денешниот меч (17 часот, пренос на МТВ) со Исланд во квалификациите за пласман во баражот за учество на Светското првенство (СП) годинава во Шпанија.
Во групата 2 утре (17 ч.) противник на македонските репрезентативки ќе им биде селекцијата на Литванија, а в недела (17 ч.) е мечот со репрезентацијата на Грција. Сите мечеви се играат во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Пласман во баражот ќе обезбедат двете најдобропласирани селекции.
– Трипати по ред во квалификациите за бараж на СП го добиваме Исланд.

Има напредок во нивната игра, но се надевам дека нема да имаме проблем да стигнеме до победа. Се надевам дека сѐ ќе биде како што треба и дека во априлскиот бараж ќе добиеме поволен ривал, па ќе си го оствариме сонот со пласман на СП 2021 во Шпанија – рече Ѓеоргиевска.
Селекцијата на Исланд, предводена од Арнар Петурсон, во Скопје пристигна пред пет дена и подготовките за квалификациските дуели ги одработи во спортскиот центар „Борис Трајковски“. Исландскиот селектор за овој квалификациски турнир не ги повика интернационалките што настапуваат во Скандинавија, така што на располагање ќе ги има најдобрите ракометарки од исландскиот шампионат, меѓу кои главниот збор ќе го имаат искусните бекови Бирна Харалсдотир и Рут Јонсдотир.


Досега осум меча, шест победи за Македонија

За репрезентациите на Македонија и на Исланд ова ќе биде деветта меѓусебна средба, а шеста во квалификациите за пласман на светските првенства (СП) во ракомет за жени. Во претходните пет дуели, Македонија славела трипати, и тоа во циклусите за пласман во баражите на СП 2019 (29-21), СП 2017 (27-20) и на СП 2005 (30-21), а двапати поуспешен бил Исланд (28-22 и 33-23) во квалификациите за СП 2015. Македонија и Исланд трипати се сретнаа во квалификациите за европските првенства (ЕП), а сите три завршиле со победа на Македонија, двапати во баражот за ЕП 2006 (27-24, 28-23) и еднаш во претквалификациите за ЕП 2004 (32-23).


ГРУПА 2

Македонија – Исланд 17 ч.
Литванија – Грција 19 ч.