Претседателот Стево Пендаровски на 18 март лани прогласи вонредна состојба на целата територија, мерка што се воведе првпат во историјата на државата. Една година потоа, состојбата со вирусот не е променета и опасноста и натаму демне. Но кои се очекувањата за во иднина и кога би можеле да очекуваме да стивне ширењето на вирусот во земјава и во светот?

МАКЕДОНИЈА И СВЕТОТ ПОД ОПСАДА НА КОВИД-19

Помина една година од прогласувањето на пандемијата на коронавирусот, кој брзо се прошири низ светот, по појавата во кинескиот град Вухан. Ги затвори луѓето во домовите, доведе до големи загуби во економска смисла, а многу здравствени системи клекна на нозе.
На 26 февруари 2020 година, во Македонија беше регистриран првиот случај на заразен од ковид-19. Вкупниот број заразени за една година во земјава достигна над 112 илјади лица.
Светската здравствена организација (СЗО) на 11 март 2020 година прогласи пандемија на новиот коронавирус, ковид-19. Причината за ова беше распространетоста на вирусот на повеќе континенти, како и фактот дека станува збор за нов вид вирус. На овој начин, СЗО порача колку е сериозна ситуацијата ставајќи на знаење дека секоја земја мора да се подготвува за справување со оваа криза.
„Новото нормално“ стана живот под маски и под постојани апели за заштита – миење раце и држење дистанца.
Начинот на работа некаде се адаптираше во согласност со потребите од превентива, со сменско работење или ротации, а некаде целосно се промени: „работа од дома“ и „онлајн настава“ станаа најчесто споменуваните зборови.

По предлог на техничката влада (формирана заради закажаните парламентарни избори) претседателот Стево Пендаровски на 18 март прогласи вонредна состојба на целата територија, мерка што се воведе првпат во историјата на државата. На 22 март беше забрането движење на населението во периодот од 21 до 06 часот секој ден, на територијата на целата држава. Здравствените власти апелираа да се почитуваат ограничувањата на движењето и другите превентивни мерки за заштита од коронавирусот, бидејќи преку таква самодисциплина ќе одржи т.н. блага крива на заразата и ќе се спречи заразата одеднаш да ги оптовари или колабира ресурсите на здравствениот систем.
Во земјава, пак, за два месеца, од 26 февруари до 26 април, вкупниот број на инфицирани стигна до 1.386, а бројот на починати до 61.
Во тој период, во државата беше прогласена вонредна состојба, две општини беа ставени во карантин.
Мерките на претпазливост подразбираа забрана на движење, кои во различни периоди се движеа од 9 до 85 часа.
Бројот на заразени драстично се зголеми во текот на летните месеци кога рестрикциите за движење беа намалени. Бројот на заразени во месеците јуни-септември се зголеми четирикратно споредено со месеците кога се појави заразата. Најголем број заразени беа регистрирани во текот на месец ноември, кога бројката достигна 30.306 лица. Најмногу новозаразени во еден ден имало на 17 ноември – 1.406 лица. Најмногу починати во еден ден имало на 8 декември, или 46 починати.
Но кои се очекувањата во иднина? Кога би можеле да очекуваме да стивне ширењето на вирусот во земјава и во светот?

До кога ќе трае ваквиот живот со рестрикции, со работа од дома, со дистанца, или како што многумина би рекле, живот под опсада?
Микробиологот Никола Пановски веќе цела година активно е вклучен во анализа за состојбата со ковид-19 во земјата, но и во Европа и во светот. Вели дека ако не се прошират мутациите на ковид-19, до крајот на оваа година може да се очекува смирување на ситуацијата, односно состојбата на пандемија да премине во ендемија.
– Болеста ќе постои. Но во некои земји вирусот побрзо ќе стивне, во некои побавно. Тоа ќе зависи од создавањето на колективниот имунитет на населението и секако од имунизацијата – објаснува тој.
Според него, во некои земји, кои имаат мал процент на прележани пациенти и немаат имунизирано голем дел од ризичното население, тоа ќе се одвива побавно, односно ќе има повеќе жртви, пациенти со постковид-последици и економијата побавно ќе се дигне на нозе.

– Според последните податоци, секој трет граѓанин во земјава има антитела на ковид-19. Одзивот за вакцинација е мал кај здравствените работници, а се очекува да биде низок и кај граѓаните – додава тој.
Досега во земјава пристигнаа нешто над 8.000 дози на „Фајзер“, како донација од Србија, и 3.000 вакцини на „Спутник“. Иако беше најавено дека со последната пратка од Русија ќе започне имунизацијата на населението, засега со неа се вакцинираат само медицинските лица.

[email protected]