Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лејен, апсолутно ќе ја прими вакцината на „Астра зенека“, потврди нејзиниот портпарол Ерик Мамер.
Портпаролот на ЕК го објави тоа одговарајќи на прашањето на новинарите за кризата во врска со вакцината од овој производител, чија употреба беше суспендирана од 11-ина земји членки на Европската Унија.
Овие држави престанаа да ја користат оваа вакцина кога податоците покажаа дека кај некои пациенти се развила тромбоза, а некои починале.
Европската агенција за лекови (ЕМА) постојано посочуваше дека последиците не се директно поврзани со вакцината.
Светската здравствена организација (СЗО) исто така ги повика земјите да не престанат со имунизација со вакцината на „Астра зенека“ откако тоа го сторија неколку земји од Европската Унија.
Во соопштението се вели дека нема докази за поврзаност помеѓу вакцината и згрутчувањето на крвта.