Фото: Маја Јаневска-Илиева

За волја на вистината, провокациите на Каракачанов од позиција на бугарски министер за одбрана, со иредентистички претензии кон територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, не се искажани премиерно за овој 8 Март. Имено, пред неколку месеци, тој отворено се закануваше дека ќе испрати бугарски инженерски полк за да ги разурне спомениците во Македонија што не ѝ се допаѓаат на бугарската политика. Овој пат, тој има уште поголеми апетити и на картата на голема Бугарија ги вклопува, освен Македонија, и делови од Грција, Србија, Албанија и Романија. Се чини дека македонските власти, но особено и претставниците на ЕУ, не треба да ја имаат дилемата дали воопшто и како да реагираат на ирационалното однесување на Каракачанов. Тој веќе недвосмислено ја става Бугарија како заложник на фашистичкиот период и како претставник на највисоката власт во соседната држава, генерира стравотен безбедносен проблем и ја става својата земја како водечки фактор за нестабилност во регионот

Кому му ја испраќа „честитката“ за Осми март Каракачанов: Нам, на регионот, на Германија или на ЕУ

Репутацијата на провокатор со (не)сериозни намери на бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, како и фактот дека останува помалку од еден месец до изборите во Бугарија, не се причина за потценување на одржувањето на континуитетот на провоцирачката политика, реторика и постапки спрема Македонија, но и кон другите соседни земји, од страна на еден висок државен функционер во земја-членка на ЕУ. Последниот прилог во „опусот“ на Каракачанов исполнет со негација на идентитетско-историската посебност на македонскиот народ и јазик, претставува премин на уште поконкретно ниво на експанзионизам со регионални територијални претензии. Имено, бугарскиот вицепремиер смислено предизвика скандал со честитката за Денот на жената, 8 Март, на која текстуалниот и ликовниот дизајн е аплициран врз мапата на голема Бугарија. Всушност, на мапата врз која Каракачанов упатува честитки до бугарските жени е исцртана територијата на замислената санстефанска Бугарија, во која влегуваат и територии на денешна Македонија: на запад до Дебар, на север над Скопје и на југ до Халкидики. На картата на голема Бугарија тој ги вклопува, освен Македонија, и делови од Грција, Србија, Албанија и Романија. Според честитката, Каракачанов им го честита празникот и на македонските жени, кои, ако се суди според мапата, ги смета за Бугарки. Според сите дипломатски протоколи, но и во меѓународното право, ваквата постапка е отворена демонстрација за територијална претензија спрема туѓа држава. Уште поскандалозно е што манифестацијата на територијалните претензии доаѓа од министер за одбрана на земја-членка на ЕУ и на НАТО, што може да се толкува и како експлицитна воена закана спрема земја-сојузник во Алијансата. Уште повеќе, тој најбезобѕирно во пакет со пораката за агресија и територијална претензија во регионот, ја аплицирал и пораката: Бугарија над сѐ, јасно алудирајќи на поврзаноста со фашистичкиот восклик поврзан со нацистичка Германија од Втората светска војна, вовлекувајќи ја водечката сила на ЕУ во неговата опака смислена провокативна агенда. Ваквата постапка, според коментарите на аналитичарите, е кулминација на една патолошка ментална матрица, која има замисла да ги вшмука не само регионот туку и водечките демократски сили и држави од ЕУ во „црната дупка“ на минатото.

– Дегутантно е веќе да се коментираат дегутантни постапки. Дел од актуелната бугарска политичка елита, не само поради престојните априлски избори таму туку во континуитет манифестира таков примитивизам на кој воопшто не вреди да му се придава внимание. Нека гледа цивилизираната Европа кого сѐ има во своите редови за сојузник, со кого и со какви сѐ „типови и типки“ седнува на иста маса во европски Брисел. И НАТО таму, исто така, нека подразмисли на какви ресорни министри „експанзионисти“ се потпира во градењето на своите безбедносни доктрини. А можеби веќе е и крајно време Македонија да ја пријави Бугарија во Советот за безбедност на ООН за вербална агресија врз Македонија и за голема доза институционален говор на омраза спрема една цела нација – вели новинарот Зоран Иванов, долгогодишен познавач на внатрешно и надворешнополитичките премрежиња и предизвици на Македонија.
Во интерес на вистината, провокациите на Каракачанов од позиција на бугарски министер за одбрана со претензии на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, не се искажани премиерно за овој 8 Март. Пред неколку месеци, отворено се закануваше дека ќе испрати бугарски инженериски полк за да ги разурне спомениците во Македонија, кои не ѝ се допаѓаат на бугарската политика. И тогаш и сега се чини дека македонските власти, но и претставниците на ЕУ, ја имаат дилемата дали воопшто и како да реагираат на однесувањето на Каракачанов, кое колку и да личи на несериозна провокација, сепак ја има тежината на изјава и дејство на висок официјален политичар во влада на земја-членка на ЕУ и на НАТО.
Петар Богојески, претседател на Македонски концепт, смета дека провокациите се за внатрешна употреба, но штетата што се прави е со многу пошироки размери и уште подалекосежна за билатералните односи и за Македонците како нивни соседи.
– Сите провокации од Бугарија спрема Македонија се со цел – за нивна внатрешна употреба, за градење предизборен рејтинг.

Темата „Македонија“ е сензитивна за три милиони гласачи во Бугарија, по потекло Македонци. Објавата на слика на карта на голема Бугарија, во која е сместена и територијата на денешната Македонија, од страна на вицепремиер и министер за одбрана на Бугарија, означува злоупотреба на позицијата на Бугарија како земја-членка на НАТО и на ЕУ. Зачудува молкот на македонската влада, која не ги користи механизмите на НАТО за подобрување на поведението на бугарскиот министер за одбрана. Македонската влада е наивна ако се надева дека со премолчување на провокациите ќе го реши актуелниот македонско-бугарски проблем во билатералните односи. Не може да стане збор за враќање на довербата во Договорот за добрососедство, кога министер за одбрана во Владата на соседна Бугарија, јавно искажува територијални претензии спрема Македонија. ЕУ, пак, се надева дека со победа на силни проевропски струи на претстојните избори во Бугарија и престанување на ширењето на екстремниот национализам, ќе се најде решение за македонско-бугарскиот спор во рамките на европските вредности. Со сегашната политика и политичари од видот на министерот за одбрана, Бугарија директно го попречува проширувањето на ЕУ на Западен Балкан. Спречувањето на проширувањето на ЕУ, пак, е стратегиска цел на Русија. Иако е членка на НАТО и ЕУ, Бугарија со ваквото поведение ги спроведува руските политики – вели Петар Богојески, претседател на Македонски концепт.


Претседателот Пендаровски ја осуди провокацијата на Каракачанов

Од македонска страна, на санстефанските проекции на актуелниот министер за одбрана на Бугарија, реагираше единствено македонскиот претседател Стево Пендаровски, кој овој чин на Каракачанов го оцени како целосно спротивен на основните принципи и вредности на НАТО.
– Претседателот Пендаровски во однос на ваквите изјави што доаѓаат од Софија секогаш укажувал дека претставуваат отворено кршење на Договорот за добрососедство и ја поткопуваат довербата меѓу двете земји и народи – соопштија од кабинетот на претседателот.