Наместо осум групи со по четири тима, кои сега играат по шест меча, 36-те клуба би играле по 10 натпревари против противници одредени според рејтингот кај УЕФА. Резултатите од овие средби ќе ја одредат табелата, која, заедно со некои плејоф-дуели, ќе ги даде тимовите што ќе ги продолжат мечевите во нокаут-фазата
ФУДБАЛ
Плановите за реформирана Лига на шампиони (ЛШ) со 36 екипи, од 2024 година, би можеле да бидат договорени до крајот на месецов. Претседателот на Здружението на европските клубови (ЕКА), Андреа Ањели, очекува последните детали за тоа како ќе бидат распределени четирите дополнителни места да бидат решени во следните неколку недели. Ако ЕКА ја исполни таа временска рамка, речиси е сигурно дека Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе се согласи, пишува „Би-би-си“.
Ањели, кој е претседател и на Јувентус, новиот формат на ЛШ го опиша како многу близок до неговиот идеал. Идејата за новата ЛШ, која му се припишува на извршниот директор на Ајакс, Едвин ван дер Сар, ќе доведе до радикална промена во групната фаза. Наместо осум групи со по четири тима, кои играат по шест натпревари, тимовите би играле по 10 натпревари против противници одредени според рејтингот кај УЕФА.
Резултатите од овие натпревари ќе ја одредат табелата, која, заедно со некои плејоф-дуели, ќе ги даде тимовите што ќе ги продолжат мечевите во нокаут-фазата.
Некои европски лиги сакаат четирите дополнителни места да им припаднат на шампионите на земјите од „средниот ред“, од лиги чии шампиони не се квалификуваат автоматски во групната фаза, и за тоа да се одлучува според спортските заслуги. Но најверојатно две места ќе бидат доделени како вајлд-карта, пишува „Би-би-си“. За англиските клубови тоа ќе значи повеќе мечеви во календарот и веројатно ќе генерира натамошна дискусија за иднината на Лига-купот. Но Премиер-лигата веќе ја отфрлила идејата за намалување на 18 екипи, што беше дел од предлозите за „Проектот голема слика“ минатата година. Во врска со ограничувањето на платите на играчите и надоместоците за агентите, Ањели најави можни поголеми промени во системот за трансфери, кои би вклучувале и договори меѓу водечките клубови да не си продаваат играчи едни на други, пишува „Би-би-си“.