Модел (1)

Пред да биде модел, Моделот беше студент на прва година на Филолошкиот факултет, група италијанистика, поточно дуплиран бруцош, зашто го одолжи полагањето испити. Наспроти мрзливоста во студирањето, Моделот беше подвижен и придвижен во дружбите со своите врснички и врсници, при што не малку му помагаше изгледот: со кадрава темнокостенлива коса што богато му се галеше околу лицето и со издолжени нозе што под цевка-пантолоните ја насетуваа нивната мускулестост. Кога, токму поради изгледот, ќе го повикаа на некоја журка што ја организираа студентите на Академијата, се појавуваше еден час подоцна, кога сите веќе беа насобрани, а и во џускањето се придружуваше постепено, ќе влезеше во танцувачкиот круг, но некако од страна, додека не ги пуштеа „Лед цепелин“ или „Пинк флојд“, тогаш со замижани очи ќе почнеше да се клати и да ги движи колковите и рамениците како да е среде сцена под фарови.

– Типот беше, ако може така да се каже, комплициран во својата простодушност – вели Илчо, еден од студентите на Ликовната академија на кои Моделот им позираше. – Не знам кој го доведе кај нас, но беше различен од другите модели. А со минималното знаење на италијанскиот, беше убеден дека уште повеќе им се допаѓа на девојките. Коме стаи, кара Сеси? Бене?, ја поздравуваше студентката Светлана. Оџи, сеи молто бела Маринела!, ќе ѝ се насмевнеше на Марина, која инаку беше најзабележливата во нашата група.
Илчо ја прераскажува епизодата што ја чул од неговата тогашна колешка Јована, Јована Симонова, ја знаеш сликарка акварелистка, позната е, пред короната имаше голема изложба во МСУ.

Моделот ја викал Џована. Очигледно, најмногу му се допаѓала од присутните. Ди пју!
– Ама баш поради тоа што многу ја бендисуваше, некако ќе се смоташе пред неа. Му се стегаше душичката, му снемуваше здив – се потсмевна Илчо. – Заљубеноста е нешто најсмешно што животот му го подарил на човекот. И можеш да замислиш колку пак се вознемири кога го повика да позира акт утревечер кај неа во ателјето. Насамо.

(продолжува)