Политичката партија Левица денеска поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување на референдум донесена од страна на Собранието на Република Македонија. Одлуката, според партијата, по неколку точки не е во согласност со Уставот, Законот за референдум, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија.
Левица бара Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за референдум со ретроактивно правно дејство.
– Бидејќи во иницијативата се бара времена мерка, тоа значи дека иницираме итна постапка и очекуваме Уставниот суд веднаш по годишните одмори, а тоа значи пред референдумот да се произнесе. Во случај да не се произнесе можно е постфестум да ги поништи резултатите – рече Димитар Апасиев од Левица.
Апасиев вели дека одлуката на Собранието ги нема сите потребни седум елементи, меѓу кои образложение, а не е наведен ниту видот на референдумот. Референдумското прашање го нарече „прашање стапица“.
– Првата формална причина е тоа што одлуката ги нема сите седум задолжителни елементи што по Законот за референдум мора да ги има.Таа нема образложение и го нема целиот назив за актот по којшто се гласа, туку е даден само скратен назив на актот и исто така не е предвидено гласање на одделни гласачки ливчиња, онака како што тоа го бара законот – рече тој.
Левица, според него, ја побива оваа одлука бидејќи во неа исто така не е наведен видот на референдумот што е суштински елемент на одлуката.
– Не знаеме дали станува збор за претходен или за дополнителен референдум и не знаеме дали станува збор за факултативен или за задолжителен референдум. И оттука е невозможно да се оцени правната последица од успехот или неуспехот на референдумот што го повредува начелото на правна сигурност – рече Апасиев.
Третата причина поради која што Левица ја спори оваа одлука е референдумското прашање.
– Тоа е прашање стапица коешто е забрането и со нашиот закон и со европските стандарди односно и со Венецијанскиот кодекс на добри практики за референдуми – вели Апасиев. Според него, вака поставеното собраниско прашање има осум можни одговори, а законот дава можност само за два.
Од материјално-правен аспект, Левица бара да се укине одлуката, поради тоа што консултативен референдум невозможно е да се распише за членство во сојуз или заедница со други држави, како што е случајот со ЕУ.
– Членот 120 предвидува облигаторен и задолжителен референдум – рече Апасиев, посочувајќи дека според нивното истражување Република Македонија воопшто нема донесено одлука за членство во ЕУ.
Исто така Апасиев нагласува дека Договорот што се става на референдумско изјаснување не е ратификуван и оттука Собранието се довело само себе во правно нерешлива позиција. Собранието, според него, не може да распише претходен референдум затоа што Договорот веќе е склучен, а ниту може да распише дополнителен референдум затоа што нема закон кој би одел на референдумско изјаснување бидејќи претседателот одби да го потпише.
Левица ќе го бојкотира референдумот за името, но според нејзиниот претставник тие ќе побараат од ДИК да им биде овозможено да го набљудуваат изјаснувањето. Според Апасиев, вчера објавената анкета на МЦМС дека мнозинство граѓани ќе излеат на референдумот е лажна, а референдумот го поддржуваат само 14 отсто од граѓаните.