Мнозинството во Собранието е стабилно, Владата има силна поддршка, велат утрово од СДСМ, откако вчера 62 пратеници гласаа за доверба на Владата.

– Мицкоски реди порази, се распаднаа лагите, мнозинството е стабилно, се ниша само ВМРО-ДПМНЕ. По деблакот што му се случи со правдата, нов дебакл на Христијан Мицкоски за само една недела. Како меур од сапуница испукаа лагите на Христијан лузер Мицкоски, се покажа, нестабилно е само неговото ВМРО-ДПМНЕ. Два дебалка со две јасни пораки пораки за Мицкоски: кој брани криминал ќе биде казнет од правдата, кој лаже народ, ќе биде казнет од граѓаните – наведе СДСМ.

Во салата не беа присутни пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, чиј координатор Никола Мицевски претходно кажа дека Заев сам предложил да се гласа да доверба на Владата, за тоа да биде без дискусија на пратениците.


Мицевски: Заев не верува во своето мнозинство

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски вели дека стравот, паниката и слабоста која што власта и Зоран Заев ги покажаа вчера, укажуваат на тоа дека Заев не верува во своето мнозинство.

– Ден откако Зоран Заев си купи привиден мир со шверцерско гласање на доверба на Влада и тоа го претстави во јавноста како небаре да ги донесол Гугл и Фејсбук и како небаре да набавил милион вакцини, сепак реалноста е иста како и претходно – истакна Мицевски.

Според него во државата „немаме вакцини а секојдневно луѓето умираат заради тоа“.

Мицевски напомена, дека економијата е пред колапс, а државата според него е презадолжена, додека 55 илјади луѓе кои останаа без работа во последната година сеуште се невработени.

– Со вчерашното гласање падна во вода и уште една голема лага на Заев и луѓето околу него, а тоа е лагата дека тој има пратеници од опозицијата кои го поддржуваат и ќе преминат во таборот на власта – рече Мицевски.