ФУДБАЛ – НА КОПА АМЕРИКА
Колумбија соопшти дека летово ќе ги отвори стадионите за публиката на 47-то првенство на Јужна Америка во фудбал, Копа Америка, што го организира заедно со Аргентина, со исполнетост до 30 проценти од капацитетите.
– Копа Америка без публика нема смисла. Веќе работиме на санитарниот протокол што ќе овозможи стадионите да бидат исполнети до 30 проценти од капацитетите – изјави министерот за спорт, Ернесто Лусена, за радиото Каракол, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Тој процент би можел да се зголеми доколку кампањата за вакцинација во Колумбија се одвива според планот, а бројот на заболени од коронавирус се намали, додаде министерот Лусена. Досега биле вакцинирани околу 150.000 луѓе, од 35-те милиони што земјата сака да ги вакцинира годинава.
Натпреварите на одложената Копа Америка од лани поради пандемијата, треба да се играат од 11 јуни до 10 јули, а првпат домаќини ќе бидат две земји. Спортските стадиони во Колумбија се затворени за јавноста од март минатата година.