МНОГУВЕКОВНА ТРАДИЦИЈА ВО КИЧЕВСКО-БРОДСКИОТ РЕГИОН

Како што привршуваат жетвените работи така жителите од кичевско-бродскиот регион сѐ повеќе се фокусираат кон собирање сливи, од кои добиваат првокласна домашна ракија,традиција што трае со векови. Годинава кон жителите од овој регион и природата беше милостива, бидејќи родот на сливите е над повеќегодишниот просек, а без сливи „трновки“ нема ни добра домашна ракија. Традицијата за правење домашна ракија во овој регион датира од пред повеќе векови, бидејќи и староста на казаните е над еден век, а има и многу постари што и денес се употребливи.

– Пребогатиот род на сливите во нашиот регион ќе ни овозможи по подолг период да произведеме поголеми количества домашна ракија. Во текот на изминатиот, овој месец и септември, ќе ги полниме бурињата со сливи, а по задолжителната ферментација на комината ќе бидеме целосно подготвени да почнеме со печење ракија. Кај нас традиција е ракијата да биде што појака и да има барем 55 степени и затоа практикуваме најпрво ракијата добиена од комината да ја собираме во поголеми количества.Откако ќе собереме доволно количество за да наполниме еден казан со овој дестилат, ја препекуваме ракијата и добиваме првокласна домашна препечена ракија со јачина од 55-60 степени, која нема мирис и има висока чистота и проверено е најздрав дестилат за пиење – вели Цане Ѓорѓијоски од селото Лавчани, кој деновиве треба да направи првото печење домашна ракија.

Во сите села без исклучок родот е многу добар и жителите од повеќето села очекуваат оваа сезона да го надомести слабиот род од претходните години, а со тоа и количествата произведена ракија да бидат над повеќегодишниот просек.
– Во нашиот крај сливите родија како никогаш досега. Токму богатиот род ни овозможи повеќе внимание да посветиме на собирање сливи од кои ќе добиеме што поголеми количества домашна ракија. Во нашето село кампањата за собирање сливи почна од средината на јули и ќе трае до крајот на септември. Деновиве стигнаа и првите количества комина за варење, по што ќе ја отвориме и сезоната за печење домашна ракија. Очекуваме годинашните натпросечни количества сливи да ни обезбедат доволни количества ракија за наредните две-три години, бидејќи со природата никогаш не се знае и можеме да имаме повторно сиромашни години, како претходните. Без добра домашна ракија домаќин не бидува, велат во нашето село – ни изјави Раде Петрески од селото Козица.

Во Поречијата речиси не се памети кога сливите имале толку род како годинава и повеќето под товарот на пребогатиот род имаат и искршени гранки. Но произведените количества домашна ракија ќе бидат добредојдени за ова население за да може нешто да продаде и да заработи некој денар.

– Јас досега собрав сливи за 16 казани и деновиве сум презафатен со производство на ракија, која најпрво ја напуштаме до одредена јачина и потоа ја преваруваме односно препекуваме. За мојот казан со зафатнина од 120 литри потребни се 4 казани слаба ракија, од која ќе добиеме од 30 до 40 литри препек и ако се смета дека ќе имам количество за четири пати да препечам, тогаш очекувам производство на околу 150 литри првокласна домашна ракија. Бидејќи во претходните години не успеавме да го произведеме планираното количество, затоа сѐ што ќе произведам годинава целосно ќе го зачувам за себе и за мои блиски и пријатели. Печењето домашна ракија е традиција чиј почеток не го паметат ни најстарите жители на Поречијата, а бидејќи имам и сопствен казан, стар којзнае колку, немам потреба да брзам и затоа произведената ракија ќе биде уште поквалитетна – рече Митко Никодиноски од селото Рамне.

Оние семејства што немаат сопствен казан, за извршената услуга на сопственикот на казанот му оставаат по 1 литар од произведената ракија т.н. уем. А во повеќе села има и селски или црковни казани, каде што по некој редослед ракија печат поголемиот број домаќинства.