Додека европските земји сè уште дискутираат дали да се воведат сертификати на оние кои примиле ковид-вакцина или го прележале коронавирусот, со што би им се овозможил влез во баровите, хотелите и базените, Израел веќе воведе дигитална зелена карта, пренесува „Гардијан“.
Деветмилионската земја, која веќе вакцинираше половина од популацијата, создаде апликација која покажува дали корисникот е вакциниран или пак, се здобил со имунитет откако ја прележал болеста.
Трговските центри и музеите се отворени за сите, но оние со дигитална зелена карта имаат ексклузивен влез и пристап до вежбалниците, хотелите и концертите. Сепак, сè уште се запазуваат одредени мерки, а влезот во рестораните и баровите треба да биде одобрен од наредната недела.
Животот не е вратен во нормала, но се чини дека тоа ќе се случи во блиска иднина. Додека маските остануваат задолжителни, многу постари луѓе кои веќе биле вакцинирани престанаа да ги носат на отворено.
– Луѓето изгледаат среќно и ослободено. Но, не е како пред пандемија. Некои правила остануваат на сила. Гостите добиваат спакувани појадоци во нивните соби или надвор, бидејќи сè уште не можеме да го отвориме ресторанот. Речиси сите хотелски соби се резервирани од луѓе со дигитална зелена карта – вели Армин Груневалд, директор во хотелот „Хагошрим енд нејчр“, близу Галилејското Море.
Израелската влада е претпазлива, но се фокусира на она што за многумина е најбитно: меѓународно патување без карантин со ковид-пасош. Израел потпиша спогодби со Грција и Кипар за пробен период напролет. Велика Британија и ЕУ исто така разгледуваат сличен план.
Но, предлозите за ковид-пасоши веќе предизвикаа реакција од страна на активистите за приватност и групите за заштита на правата во неколку земји. Во Израел постои загриженост дека невакцинираното население, без оглед на нивните причини, ќе заостане зад вакцинираното население, или ќе биде одбегнувано. Одржани беа и мали протести кои предупредуваат дека оваа ситуација ќе создаде нова хиерархија во општеството.
Германскиот совет за етика, независно тело што ја советува владата, смета дека ваквите услови може да охрабрат и поттикнат дискриминација. Комисијата за еднаквост и човекови права на Велика Британија исто така соопшти дека ваквите пасоши може да доведат до дискриминација.
Овие дискусии покренаа и други прашања. Многумина сметаат дека дигиталните зелени карти ќе им овозможат на граѓаните од побогатите и помоќни нации први да ги уживаат привилегиите, дополнително зголемувајќи го раздорот меѓу луѓето.