ФУДБАЛ – ГЕРМАНИЈА

Баерн постигнува, но и прима голови

Бранителот на титулата и лидер во германската фудбалска Бундес-лига, Баерн, го декласира Келн, победувајќи го со 5-1 во меч од 23-то коло. Два од петте гола постигна Роберт Левандовски, кој сега има 28 гола на 23 меча во годинашното првенство (рекорд според бројот на одиграни натпревари), девет повеќе од второпласираниот на листата на стрелците, Андре Силва, од Ајнтрахт Франкфурт.
На 11 меча до крајот на шампионатот, на Левандовски му се потребни уште 12 гола за да ги достигне рекордните 40 во една сезона на легендарниот Герд Милер, кој толку голови постигна во сезоната 1971/1972.
Но додека Левандовски и колегите од нападот постигнуваат голови (67 на 23 меча), одбраната веќе прими 32, што е најлош дефанзивен ефект на Баварците во претходните 29 сезони. Л.Д.


Санчо продолжи да погодува и да асистира

Во 23-то коло на германската фудбалска Бундес-лига, Борусија Дортмунд ја совлада Арминија со 3-0, на 99-от меч за англискиот репрезентативец Џејдон Санчо (20) во дресот на „милионерите“, на кој тој го постигна 36-от гол и ја забележа 50-та асистенција.
Статистиката покажува дека Борусија Дортмунд не е поразена во меч од германската Бундес-лига кога Санчо постигнал погодок. Ефектот е 25 победи и шест ремија. Л.Д.


Пјотр Жила е нов светски првак на малата скокалница

Полјакот Пјотр Жила е новиот светски шампион во скијачки скокови на мала скокалница, откако победи на Светското првенство во Оберсдорф, a Карл Гајгер и Анже Ланишек се најдоа на второто и третото место, објави Интернационалната скијачка федерација (ФИС) на својата интернет-страница.
Жила, кој досега има две победи во Светскиот куп, ја прослави својата титула заедно со неговите тимски колеги.
– Се чувствував одлично целиот ден и сфатив дека имам многу енергија. Имав суперчувство уште од самиот почеток и знаев дека можам да постигнам нешто посебно – рече 34-годишниот Жила.
Халвор Егнер Гранеруд, лидерот во генералниот пласман во Светскиот куп, за 1,8 поен не се најде на подиумот и беше четврти. Бранителот на титулата, Давид Кубацки, беше петти, Мајкл Хејбок беше најдобар Австриец на седмото место, Стефан Крафт се најде на десеттото место, Маркус Ајзенбихлер беше 17-ти, Симон Аман 20-ти…
Следното натпреварување во Оберсдорф во скијачки скокови и натпреварот на големата скокалница се в сабота.


Зад Надал, Медведев заостанува 115 поени, а со пласман во финалето на турнирот во Ротердам ќе го надмине Шпанецот, кој го откажа својот настап на тој турнир. Тоа ќе биде првпат по 2005 година на втората позиција да биде тенисер што не е дел од големата четворка Ѓоковиќ, Федерер, Надал и Мареј

ТЕНИС – ТУРНИР ВО РОТЕРДАМ
Медведев игра за пробив на второто место на АТП-листата

Ако рускиот тенисер Данил Медведев стигне до финалето на турнирот АТП 500 во Ротердам, ќе го симне Шпанецот Рафаел Надал од втората позиција на АТП-листата.
Тоа ќе биде првпат по 2005 година на втората позиција да се најде тенисер што не е дел од големата четворка Новак Ѓоковиќ, Роже Федерер, Надал и Енди Мареј. Последен што влезе во елитното друштво беше тенисерот од Австралија, Лејтон Хјуит, на 18 јули 2005 година. Минатата недела Медведев стана 19-от тенисер што во последните 16 години влегол меѓу врвните тројца на АТП-листата.
Зад второпласираниот на АТП-листата, Надал, Русинот заостанува 115 поени, а со пласман во финалето на турнирот во Ротердам ќе го надмине Шпанецот, кој, пак, го откажа својот настап на тој турнир во Холандија. Патот до финалето Медведев треба да го почне денеска, со дуел со Србинот Душан Лајовиќ.
Медведев моментно го игра најдобриот тенис во својата кариера. Светскиот рекет број три победи на 20 од претходните 21 меч. Единствениот пораз му го нанесе деветкратниот шампион на Австралија опен, Ѓоковиќ, неодамна во финалето на гранслем-турнирот во Мелбурн. Дванаесет од 20-те победи во серијата Русинот ги забележа против тенисери што се меѓу првите 10 играчи на АТП-листата. Та.Д.