На сите осудени во случајот „Монструм“, Кривичниот суд им одреди притвор и тие веднаш ќе бидат спроведени во затвор. Судиите го одобрија барањето за притвор на обвинителката Фатиме Фетаи поради опасност од бегство.
– На обвинетите Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ , Хаки и Фејзи Азири им се определува мерка притвор, по објавување на пресудата, до отпочнување на казна затвор односно правосилноста на пресудата – рече судијата Огнен Ставрев.
На ова бурно изреагира осудениот Фејзи Азири кој рече „не ви е срам како судија да ги лажете родителите на децата дека ќе им ја кажете вистината, а сега донесовте друга одлука?“.
Обвинителката Фатиме Фетаи веднаш по завршување на рочиштето ја напушти судницата, без да ислуша што сакаше да каже Азири.
Пред малку беа објавени пресудите на повтореното судење за петкратното убиство кај Смилковското Езеро.
Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ се осудени за тероризам на доживотен затвор. Првите двајца се во бегство во Косово.
Хаки Азири е осуден на девет години затвор за помагање, а за исто кривично дело е осуден и Фејзи Азири, кој доби 15 години затвор.
Сами Љута доби ослободителна пресуда поради немање докази за негова вмешаност во убиството.