Во Србија против коронавирус досега се вакцинирани 1.230.836 лица, а 428.202 лица примиле по две дози од вакцината, според податоците на српската Влада, пренесува „Танјуг“.

Според бројот на вакцинации на милион жители, Србија е втора во Европа, по Велика Британија, а според бројот на ревакцинации на милион жители, е прва во Европа. По Србија се Малта и Данска.

Во светот, Србија е на 6. место според бројот на вакцинации на милион жители, по Израел, Сејшелите, Обединетите Арапски Емирати, Велика Британија и САД.

Кога станува збор за бројот на ревакцинации на милион жители, Србија е прва во Европа, по што следат Малта, Данска и Исланд. Според бројот на ревакцинации на милион жители во светот, Србија е трета, по Израел и Сејшелите, а по Србија се САД и Малта.

Србија е прва во регионот според бројот на вакцинирани на милион жители, по што следуваат Словенија, Хрватска, Бугарија и Албанија. Србија е на прво место во регионот според бројот на ревакцинации на милион жители, по што следуваат Словенија, Хрватска, Бугарија и Албанија.


Во Загреб почнува масовна вакцинација

Во Загреб денеска започнува масовна вакцинација против коронавирус на лица постари од 65 години.

Тимовите за вакцинација на располагање требало да имаат 16.000 дози, но раководителот на Институтот „Андрија Штампар“, Звонимир Шостар, утрово изјави дека најавените 4.000 дози на „Модерна“ сè уште не се пристигнати.

Први ќе се вакцинирааат лицата над 65 години и хронично болните лица. Најголемиот број од овие 16.000 дози во текот на оваа недела, всушност, ќе ги примаат лица постари од 80 години.

Во градот треба да има 19 пунктови за вакцинација, но некои ќе започнат да работат утре.

– Започнува масовна вакцинација, што значи дека 19 специјално назначени локации во рамките на здравствениот систем ќе ги прифаќаат оние пациенти чии матични лекари не успеваат да ги вакцинираат во текот на работното време – изјави за Н1 Мирослав Ханчевачки, директор на Здравствениот дом Загреб – Запад.