Тирана – Од почетокот на годинава, во Албанија опасниот коронавирус е дијагностициран кај 700 деца, изјави Ѓеорѓина Кули, позната албанска докторка педијатарка.
– Зголемувањето на нови случаи се рефлектира и кај децата. Имаме 700 заразени деца од јануари, имаме зголемена стапка на хоспитализација од ноември, бидејќи во јануари бевме со полн капацитет. Околу 80 проценти од креветите за деца се пополнети – изјави Кули. („Топ чанел“)
Белград – Црковните ѕвона денеска ќе огласат дека е избран новиот патријарх на Српската православна црква (СПЦ). Очекувањата се изборот на новиот патријарх, кој ќе се прави во црквата „Свети Сава“ во Белград, да биде направен во братска атмосфера. Инаку, во игра за избор на нов наследник на покојниот патријарх Иринеј се вкупно 34 владици, но само седум од нив се фаворити. (РТС)
Сараево – Пратеникот во Застапничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина и претседател на социјалдемократите, Енвер Биједиќ, утрово е уапсен во Тузла. Тој е уапсен во акција на Државната агенција за истрага и заштита (СИПА). Припадници на СИПА вршат претреси на неколку локации во Тузла, Грачаница и Бановиќ, во рамките на предмет на Обвинителството на Тузла поврзан со склучување сомнителни договори во тузланскиот Рудник за сол. („Аваз“)
Бисер балкански
Забрана за кафе-дружење
Забрането дружење на кафе за време на паузите, a пијалакот и кафето што се плаќаат од општинската каса мора да бидат од домашно производство. Ова се дел од новите насоки на началникот на Општина Какањ, Мирнес Бајтаревиќ, кои ги донел за да ги подобри работната дисциплина и ефикасноста во работата на општинските службеници. Бајтаревиќ од преземањето на должноста инсистира на подобрување на сите аспекти на давањето квалитетна услуга на граѓаните. Во општинската зграда се забранети секое непотребно собирање на вработените и какво било дружење со кафе. Пушењето е забрането во сите простории, освен на терасата, но задржувањето на пауза за цигари мора да биде кратко и во разумен број на луѓе, за да не се нарушува динамиката на општинската работа. Кафињата и другите безалкохолни пијалаци што се служат на состаноците и слични настани организирани од општината мора да бидат произведени во Босна и Херцеговина, пишува „Хајат“.