ТЕНИС – АВСТРАЛИЈА ОПЕН

Светскиот рекет број еден, Србинот Новак Ѓоковиќ, го обезбеди деветто финале во кариерата на престижниот тениски гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, по победата над Аслан Карацев од Русија со 6-3, 6-4, 6-2 во полуфиналето. Во своето деветто финале во Мелбурн, Ѓоковиќ ќе се обиде да стигне до рекордна деветта титула на австралискиот турнир, но и до 18-от гранслем-трофеј во кариерата.
Ѓоковиќ досега на Австралија опен не загубил ниту едно финале. Противник на Ѓоковиќ во мечот за титулата в недела ќе му биде победникот од денешниот полуфинален дуел помеѓу Русинот Данил Медведев и Гркот Стефанос Циципас.
Во досегашните осум финалиња на Австралија опен, Ѓоковиќ четири пати беше поуспешен од Британецот Енди Мареј (во 2011, 2013, 2015 и во 2016 година), двапати од Шпанецот Рафаел Надал (2012 и 2019) и по еднаш од Французинот Џо Вилфред Цонга (2008) и од Австриецот Доминик Тим (2020 година).