Поддржувачите на политиката на Албин Курти се обидуваат лидерот на Самоопределување да го претстават како „претставник на новата генерација политичари на Косово“, но првите негови изјави по победата на изборите не даваат оптимизам за наоѓање трајно решение за косовското прашање
КОСОВО
Победата на новите политички субјекти на изборите во Косово ќе ги направи уште посложени напорите на Европската Унија и САД да издејствуваат договор за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина. Покрај пораките од Запад за целосно посветување на дијалогот, идниот косовски премиер Албин Курти има остар став кон Србија, оценуваа медиумите во земјите од Европската Унија. Бриселскиот портал „Еуроњуз“ посочува дека „Косово за премиер избрал антисрпски јастреб“. Другите медиуми го пренесуваат ставот дека Курти е познат по тврдите позиции кон Србија.
Во иста насока се и реакциите во француските и германските влијателни медиуми. Францускиот весник „Монд“ пишува дека на косовките избори победил лидерот на националистичката левица, со ветувањата дека ќе ги искорени корупцијата и невработеноста. Германскиот портал „Дојче веле“ нагласува дека косовските граѓани гласале против досегашните политичари, кои се заглавени во корупција и криминал и нивната волја не е одраз на согласноста со програмата на Самоопределување, која освои 48 отсто од гласовите. Неговите главни политички ривали, Демократската партија на Косово освои 17 отсто и Демократскиот сојуз на Косово 13 отсто. Актуелниот премиер Авдулах Хоти најави дека ДСК ќе дејствува во парламентот како конструктивна опозиција.
Поддржувачите на политиката на Курти, пред сѐ оние што го застапуваат германскиот став во однос на решавањето на косовското прашање, се обидуваат лидерот на Самоопределување да го претстават како „претставник на новата генерација политичари“. Нему пред вонредните парламентарни избори му се приклучи и привремената претседателка на државата Вјоса Османи, која го напушти Демократскиот сојуз на Косово. Курти и Османи станаа симбол на желбите за промени на Косово по десетгодишното владеење на припадниците на поранешната ОВК, за кои постојат обвинувања за криминалот и корупцијата во земјата.
Германскиот јавен сервис АРД во својата анализа по изборите пишува дека „Курти се залага за смена на старата гарда, која доминирала на косовската политика од прогласувањето на независноста“.
Но тоа што сите го очекуваат од победникот на изборите е како тој ќе се постави во однос на продолжувањето на дијалогот со Белград. Веднаш по објавувањето на изборните резултати, високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна и безбедносна политика, Жозеп Борел, и европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеи, побараа од новите лидери на Косово да водат дијалог за нормализирање на односите со Србија. Одговорот на Курти беше дека „овој дијалог треба да биде стабилен, со поинаков пристап од сегашниот, со воспоставување трансатлантска димензија“! Во изборната кампања тој говореше дека за него дијалогот не е во првите пет приоритети, доколку тој ја освои власта.
– Веруваме дека за да имаме траен дијалог и договор, мора да го смениме пристапот што беше типичен за претходната администрација на САД. Пристапот мора да биде трансформиран, во кој не мора да се проверуваат само интересите и фактите туку и вредностите и принципите. Ова може да биде рамка за Европската Унија и за евроатланските интеграции, како цел за двете земји. Од друга страна, верувам дека ЕУ би требало да изнесе некој мини-план за Западен Балкан, сличен на оној на САД за Западна Европа по Втората светска војна – изјави Курти во интервју за АП.
Марко Прелец, аналитичар од Меѓународната кризна група, во разговор за Радио Слободна Европа изјави дека дијалогот ќе биде во застој наредните неколку години, поради големото влијание во водењето на надворешните работи на Косово.
– Разговорите меѓу двете страни нема да прекинат формално, можеби и натаму ќе се одвиваат состаноци во Брисел, но нема да се случи нешто значајно. Потешко е да се направат реформите на системот на Косово. Потребно е да се види во која мера ќе ги исполни своите ветувања за антикорупцијата. Лесно е тоа да се прави за луѓето што не се на власт. Но може ли да се залагате за антикорупцијата така што нема да бидете корумпиран. Тоа е тешко – изјави Прелец.
Преголеми очекувања од новата косовска влада немаат ни во Белград. Претседателот на српското собрание Ивица Дачиќ изјави за телевизија Пинк дека „нема да следуваат добри времиња за дијалогот“.
– Ниедна влада во Приштина нема да биде по волја на српскиот народ на Косово и Метохија, но во нивен интерес е да бидат застапени во институциите. Победата на Српската листа на изборите значи дека таа станува фактор, кој при формирањето на идната влада нема да може да се заобиколи. Важно е да се зачуваат мирот и стабилноста во регионот и да се држиме за агендата што е одржлива во ова време, како што е протокот на стоки и луѓе, во т.н. мини-шенген, доколку не може да се постигне некаков договор за некое трајно решение – изјави Ивица Дачиќ.