Пратеникот на Левица, Борислав Крмов остро реагираше во однос на предлог законот за изменување и дополнување на Законот за лични карти, поднесен од пратеничката група на БЕСА, а со кој би се овозможило во личните карти да стои графа за етничка припадност.
Според него, светското искуство со вакви класификации во лични документи, па скоро и целото светско искуство е негативно. Многу мало малцинство од државите имаат вакви графи во нивните лични документи, тоа се вкупно околу дваесетина држави, и сите истражувања, кои што се правени на оваа тема, во смисла – што се случува кога ќе се внесат расна, етничка или религиозна графа во личните документи, е дека тоа само ги засилува поделбите, на некој начин најдиректно ги институционализира поделбите, ги прави ригидни, ги прави непроменливи, и од рацете на заедницата на таа група – етничка, религиозна, или расна на која што и припаѓаат, автоматски ги зема во рацете на власта и тоа е многу опасно.
Според Крмов, секаде каде што имате вакви примери на внесување на етничка, религиозна, или расна графа во личните документи се конзервативни средини и се средини со многу синлна внатрешна поларизација, и секогаш, апсолутно секогаш ова не водело кон решение, туку ја засилувало поларизацијата внатре во опшеството.
– Кај нас, во конкретниот наш контекст, ние со ова и веќе со претстојните закони го имаме издигнато етничкиот идентитет, ние на овој начин етничкиот идентитет го ставаме со државен декрет на пиадестал над сите други идентитети, и со тоа ќе ги прошириме поделбите. – вели Борислав Крмов