ГЕВГЕЛИЈА

Во организација на Општина Гевгелија, а во соработка со Црвениот крст, се одржа трибина на темата „Развојот на социјалните услуги на ниво на Општина Гевгелија“. На трибината воведен збор имаше градоначалникот Сашо Поцков, за потребата од користење на услугите за помош на лица со попреченост. Беа презентирани програмите за лична асистенција и помош и нега во домот и можностите за користење средства за развој на услугите што ги нуди централната власт преку програмите на Министерството за труд и социјална политика од страна на директорката на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа, Васка Илиева.
На трибината беа презентирани програмите за развој на социјални услуги и социјална заштита на населението и можноста за обучување и стекнување сертификат за негуватели на стари и изнемоштени лица, а од страна на Црвениот крст – Струмица беа претставени активностите на проектот „Лична асистенција“. Почесни гости на трибината беа и лица што се корисници на услугата лична асистенција: Фанка Динова од Миравци, првото деинституцијализирано лице од заводот „Бања Банско“, потоа Дивна Танева, членка на здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“, и Горан Мицев, член на Здружението на слепи лица од Струмица, кои ќе го разменат позитивното искуство од користењето на услугата лична асистенција.