Богатите земји, кои се расправаат за вакцината против Ковид-19, мора да ја разгледаат состојбата во посиромашните делови на светот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО) предупредувајќи дека со собирањето дози вакцини во затворен круг се одржува пандемијата во живот.
Изјавата на СЗО следува откога Европската комисија соопшти дека ќе го ограничи извозот на вакцини од Европската Унија, вклучувајќи ја и Велика Британија, со изговор дека тоа морала да го стори за да си обезбеди сопствени резерви.
ЕУ, чии земји членки се далеку зад Израел, Велика Британија и Соединетите Американски Држави во однос на вакцинацијата, се обидува да се снабди со резерви додека најголемиот западен производител на вакцини ја забавува испораката на вакцините до Унијата поради проблеми со производството.
– Ако натрупаме вакцини наместо да ги споделуваме, ќе се случат три големи проблеми. Првиот, како што реков, ќе биде катастрофален морален неуспех, вториот, пандемијата сепак ќе биде жива и, трето, глобалното економско закрепнување ќе биде многу бавно – рече на виртуелен брифинг генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
– Изборот зависи од нас и се надевам дека ќе го направиме вистинскиот избор – рече тој.
Мајк Рајан, главен експерт за итни случаи на СЗО, рече дека луѓето исто како нив треба да мислат на колегите што се во првите редови во борбата против заразата.
Тој ги осуди земјите што се борат за колачот, а здравствените работници во сиромашните земји немаат ниту пристап до трошки.
Организацијата минатата недела соопшти дека постигнала договор со „Фајзер“ и „Бионтек“ за 40 милиони дози вакцини и дека треба да почне со дистрибуција на вакцини за сиромашните земји, како и за оние со пониски примања како дел од програмата „Ковакс“ следниот месец.
СЗО се надева дека ќе добие итно одобрување за употреба на вакцината на „Астра зенека“ во рок од две недели, изјави Соумја Сваминанатан, главен научник на СЗО.
Маријангела Симао, помошник-генерален директор задолжен за пристап до лекови и здравствени производи, рече дека СЗО минатиот петок одржал состанок со руските производители на вакцини, а треба да се одржат повеќе состаноци додека чекаат дополнителни информации.