Лондонски „Тајмс“ објави дека се разработуваат планови за европска суперлига со 15 постојани основачки клубови

ЗА ФУДБАЛСКИТЕ КЛУБОВИ ШТО БИ ИГРАЛЕ ВО СУПЕРЛИГАТА

По повторните шпекулации во медиумите за формирање затворена европска суперлига во фудбал, Светската фудбалска федерација (ФИФА) и шесте конфедерации (АФЦ, КАФ, Конкакаф, КОНМЕБОЛ, ОФЦ и УЕФА) издадоа заедничко соопштение, во кое уште еднаш се повторува и се нагласува дека таквото натпреварување нема да биде признаено ниту од ФИФА ниту, пак, од соодветната конфедерација.
Во соопштението се нагласува дека секој клуб или играч вклучен во такво натпреварување не ќе смее да учествува на кое било натпреварување организирано од ФИФА или од нивната конфедерација. Според статутите на ФИФА и конфедерациите, сите натпревари треба да бидат организирани или признаени од релевантно тело и на соодветно ниво, од ФИФА на глобално ниво и од конфедерациите на континентално ниво. Во овој случај конфедерациите го признаваат клупското Светско првенство (СП) на ФИФА, во сегашниот и во новиот формат, како единствено светско клупско натпреварување. ФИФА, пак, ги признава клупските натпреварувања организирани од конфедерациите како единствени клупски континентални натпреварувања, пишува во соопштението.

– Универзалните принципи за спортски заслуги, солидарност, промоција, испаѓање и поврзаност се темелот на фудбалската пирамида што обезбедува фудбалски глобален успех и, како такви, се запишани во статутите на ФИФА и на конфедерациите. Фудбалот има долга и успешна историја благодарение на овие принципи. Учеството на глобални и на континентални натпреварувања секогаш треба да се потврди на теренот – пишува, меѓу другото, во соопштението на ФИФА, потпишано од претседателот Џани Инфантино, како и од челниците на шесте конфедерации, меѓу нив и од Александер Чеферин, првиот човек на УЕФА.
ФИФА планира да го прошири клупското СП на 24 екипи од шесте конфедерации. На претстојниот финален настан во Катар (4-11 февруари), одложен од 2020 година, ќе учествуваат шест екипи.
Пред неколку дена лондонски „Тајмс“ објави дека се разработуваат плановите за суперлигата со 15 постојани основачки клубови, од кои шест се од Англија, по три од Шпанија и од Италија, два од Германија и еден од Франција. Другите пет клуба би се квалификувале секоја година, се вели во написот на „Тајмс“.

Натпреварувањето би било поделено во две групи со по 10 тима, кои би одиграле до 23 натпревари во сезона, со финален меч, а во меѓувреме би се натпреварувале и во постојните домашни лиги. Според „Тајмс“, клубовите основачи би добиле по 350 милиони евра за да ѝ се приклучат на суперлигата. Во исто време уште се дискутира и за идниот формат на Лигата на шампионите (ЛШ) на УЕФА, за што се најавуваат промени од 2024 година. Организацијата на европските лиги, која ги претставува лигите од 29 земји на континентот, соопшти дека „едногласно“ ја поддржува ФИФА.