По распадот на поранешната југословенска држава, имаше неколку поголеми случаи за „протекување“ телефонски разговори на лица што биле следени од безбедносните служби. Краткиот избор на афери од типот на „Големото уво“ на Балканот може да се сведе од почетниот случај со генералот Шпегељ до последната епизода за прислушување на српскиот претседател Александар Вучиќ
Во земјите од Балканот стана вообичаено во одредени временски циклуси да се обелоденат случаи за нелегално прислушување на високи државни функционери, политичари, но и граѓани. Користењето снимени разговори, најчесто нелегално, станува силно оружје за пресметка со политичкиот противник од власта или од опозицијата, преку лична дискредитација. Содржината од прислушуваните разговори претставува и обид за внесување несигурност во безбедносниот систем на една земја, која има крајна цел и смена на одредена владејачка структура.
По распадот на поранешната југословенска држава, имаше неколку поголеми случаи за „протекување“ телефонски разговори на лица што биле следени од безбедносните служби. Краткиот избор на афери од типот на „Големото уво“ на Балканот може да се сведе од почетниот случај со генералот Шпегељ до последната епизода за прислушување на српскиот претседател Александар Вучиќ. Речиси нема држава од овие простори во која во изминатиот дводецениски транзициски период не се случила некоја афера за прислушување, а која била обелоденета во некој клучен „историски“ момент за одделна држава.
На почетокот на годинава во Србија е почната строго доверлива истрага за наводно прислушување на претседателот Александар Вучиќ. Истрагата во Секторот за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи почнала пред извесно време за да се утврди кој и по чие барање го прислушувал претседателот.
Прислушувањето на шефот на државата се истражува како сериозно кривично дело и „обид за уривање на уставниот поредок“, наведува весникот „Вечерње новости“.
Веста за прислушувањето, пред Нова година ја објави лично српскиот претседател Александар Вучиќ, кој откри дека бил прислушуван година и пол. Тој изјави дека знае кој стои зад тоа и дека верува дека надлежните органи ќе го испитаат целосно овој случај.
– Имам докази дека сум бил прислушуван. Имам свои снимени разговори, бидејќи некои луѓе мислеа дека можат да ги избришат, да ги скријат. Значи, верувам дека надлежните органи ќе го испитаат тоа и дека, доколку има недвосмислено прекршување на законот, оние што го прекршиле законот ќе одговараат – изјави Вучиќ во интервју за празничниот број на весникот „Курир“. Според него, прислушување претседател на една земја е тешко кривично дело и претставува обид за државен удар и за рушење на уставниот поредок.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Александар Вулин, ја потврди веста дека претседателот Вучиќ бил прислушуван и дека службите работат на истрага. Во министерството се води затворена истрага и засега се сослушани припадниците на Службата за специјални истражни методи на Управата за криминалистичка полиција. Во нејзина надлежност е спроведувањето на електронскиот надзор.
Според безбедносните експерти, нелегалното прислушување е спроведено од некои издвоени парадржавни апарати внатре во полицијата или од тајната и воена полиција, кои единствено се оспособени технолошки и кадровски да спроведат толку обемна и долга операција. Љубан Каран, полковник на КОС во пензија, за „Новости“ изјави дека има најави од регионот и од ЕУ дека се подготвува нова хибридна војна против Србија, поради цврстиот став на Србија да не се откажува од Косово и од политиката за неутралност.
– Зад прислушувањето на претседателот се кријат една или повеќе моќни странски и тајни агенции, кои се потпираат на услугите на одредени домашни структури, на опозицијата и поединечни моќници и делови на мафијата – вели Каран.
Редакцијата на Би-би-си на српски јазик во јуни минатата година објави текст за прислушувањето на Балканот како „метод на истрага или политички спин“, во кој се наведуваат неколку покарактеристични случаи за Хрватска, Србија, Словенија, Хрватска и Косово и, секако, за Македонија. Од осамостојувањето на Македонија имало повеќе афери за нелегално прислушување, што ја прави нашата држава најранлива кога е во прашање (зло)употребата на системите за следење и прислушување, со кои располагаат безбедносните служби.
Во Србија и во претходниот период медиумите објавуваа информации за прислушување политички партии или функционери, но никогаш не било потврдено и од официјални полициски органи. Во јануари 1991 година на тогашната телевизија Београд се појавија снимки со хрватскиот генерал Мартин Шпегељ како се договара за илегално наоружување на хрватската територијална одбрана.
Најновата и најголема афера со нелегалното прислушување во Македонија беше обелоденета од поранешниот лидер на опозицијата Зоран Заев, кој објави содржина од нелегално снимани телефонски разговори од тогашните безбедносни служби. За Хрватска и за Словенија е познато протекувањето на телефонските разговори со словенечкиот член на судскиот совет, што беше повод за хрватската страна да го доведе во прашање легитимитетот на целиот судски процес за меѓудржавниот спор за Пиранскиот Залив. На Косово е познат случајот за телефонскиот разговор меѓу претседателот на Владата, Хашим Тачи, и шефот на пратеничка група на владејачката партија за тоа кој ќе биде вработен во полицијата, државните служби, во судовите и во Обвинителството на Косово.