По долги години, поради пандемијата со коронавирусот и препораките на Владата да нема групирање на поголем број на луѓе на едно место, годинава во Кичево нема да се организира Бадникова поворка, која воедно претставува и предвесник за доаѓањето на најголемиот христијански празник Рождество Христово – Божиќ. Така годинава нема да да има Бадникова поворка, но затоа, пак, ќе може во домашни услови, дечињата да ја пеат традиционалната песна „Вечниот Бог“.
– Годинава поради состојбите со пандемијата со ковид-19 и препораките на Владата за да нема групирање, традиционалната Бадникова поворка нема да се организира. Но затоа пак децата имаат можност до Божиќ, во пакетчето што е оставено пред Исусовата пештера во центарот на Кичево, да оставаат божиќни честитки, со кои на болните од ковид-19 ќе им посакаат брзо заздравување, а на здравствените работници ќе им се заблагодарат за напорите кои ги вложуваат изминатите 12 месеци, за да им помогнат на болните од ковид-19. Честитките кои ќе ги испратат дечињата ќе бидат изложени во една просторија во кичевската Општа болница, како поставка создадена благодарение на вредните раце и инвентивноста на најмладите жители на градот – рече Бошко Сарафилоски, претседател на здружението Бадникова поворка.
Инаку, годинешното бадниково гранче граѓаните на Кичево ќе можат да го добијат во црковниот храм „Свети Петар и Павле“ во периодот од 10 до 16 часот, доволно време за сите да однесат дома од ова традиционално бадниково гранче, а притоа да нема масовно собирање во црковниот храм, како превентива од ковид-19. З.А.