Во топ-форма, способни да ги издржат сите предизвици и да опстанат во какви било услови се околу 300-500 наши компании од вкупно 90.000 регистрирани (45.000 активни од кои 90 отсто мали и средни претпријатија). Тие всушност ќе ја влечат економијата напред и ќе бидат двигатели на натамошниот развој.
Ова, меѓу другото, во интервју за МИА, го вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
– Стопанството во овој момент се носи со еден многу тежок предизвик, се бори на повеќе фронтови зашто освен економската и здравствената, тука се и социјалната и политичката криза. Досега вакво искуство не сме имале, ова се случува првпат и затоа нашите предвидувања на почеток беа многу песимистички. Иако мислевме дека ќе има криза во ликвидноста уште летото зашто нашата економија е поставена проблематично (80 отсто од извозот е во ЕУ, а од тие 80 отсто, 70 проценти одат во Германија и тоа го прави една компанија – „Џонсон Мети“), а дополнително во услови на ковид-19 имавме и избори, сепак, издржавме, како да го поминавме сето тоа. Но сега очекуваме дека кога ќе завршат владините поддршки, ќе дојде до некои нарушувања на ликвидноста. Не може да нема последици – констатира тој.
Според него, кризата нема да заврши брзо, ниту се знае колку ќе трае, а и никој засега не може тоа да го предвиди.
– Сето тоа ги исцрпува светските ресурси и резерви, го отежнува движењето, а тоа е основа за бизнисот. Ако страда бизнисот, ќе страда и стандардот на населението, ќе страдаат развојот и инвестициите. Има предвидувања дека дел од земјите што имаат посолидна основа, во почетокот на вториот квартал од 2021 година ќе почнат со рестрикции на државната помош и тогаш тие компании што ќе преживеат ќе треба да го понесат главниот товар – прогнозира Азески. Е.К.