Бугарскиот премиер Бојко Борисов истакна дека „Бугарија секогаш е подготвена да им помогне на нејзините најблиски соседи и пријателите“, одговарајќи преку Фејсбук на коментарот на македонскиот премиер Зоран Заев, кој се заблагодари за донацијата на вакцините.
– Ние секогаш сме подготвени да им помогнеме на нашите најблиски соседи и пријатели. Ситуацијата е навистина тешка и треба да се поддржуваме и да сме солидарни едни со други – напиша Борисов на Фејсбук, во прилог на објавата од Заев во која тој ѝ се заблагодарува на Бугарија.
Бугарската влада на вчерашната седница, на која присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче, одлучи Бугарија од секоја пратка на вакцините директно купени од производителите да донира дел и за Македонија.