Aлбанија
Опозициската Демократска партија поднесе кривична пријава против генералниот директор на албанската државна полиција, Арди Велиу, како „директно одговорен за полициското насилство врз учесниците на протестите“.
Во пријавата до Специјалното јавно обвинителство (СПАК), според демократите, Велиу се товари за пет кривични дела извршени во текот на протестите за убиството на 25-годишниот Клодјан Раша од страна на полициски специјалец и се бара негова суспензија до завршувањето на истрагата.
– Велиу треба да одговара за злоупотреба на службената должност, вршење произволни дејства, попречување на правото на изразување, собирање и манифестирање, друга намерна штета и непреземање мерки за ставање крај на нелегалната состојба – стои во пријавата.
Од Демократската партија дообјаснуваат дека на СПАК му се доставени конкретни докази со кои „се потврдува дека по наредба на Арди Велиу, полицијата применила варварско насилство врз малолетници, дека насилно бил приведуван секој што се движел по улиците, без да биде дел од протестот“.
По убиството на младиот Раша на осми овој месец, во Тирана се одржани пет насилни протести.