Четири нови книги за деца излегоа во продажба во издание на скопската издавачката куќа „Антолог“.
Станува збор за илустрирани изданија за читатели од разна возраст, кои се идеален избор за подарок по повод празниците и кои неделава во рамките на Неделата на книги за деца ќе се продаваат со ексклузивен попуст од 20 %.
– Во Антолог годинава ја заокружуваме со многу акции, саеми и подароци за нашите читатели. Имаме специјални понуди за секого и за сечиј вкус. Многу нови книги од сите жанрови ве чекаат во нашите книжарници и на предновогодишните саеми на книга. Не ги заборавивме ни децата, највредните читатели. За нив имаме свежи сликовници и пакетчиња полни радости! – велат од издавачката куќа.
Под слоганот Нека трепка!, следниве четири книги за деца ќе донесат радости и насмевки кај најмалите читатели:
– илустрираната сликовница „Мимбо Џимбо и долгата зима“ од авторот на „Неверојатната приказна за џиновската круша“, Јакоб Мартин Стрид,
– научнофантастичната бајка за деца „Сонот на Ѕуница“ од турската авторка Филиз Оздем,
– емотивната приказна „Леле, ми се скрши срцето!“ од една друга турска авторка, Елиф Јемениџи,
– забавната авантура „Амелија Вампирозабовска и Варварскиот бал“ од Лора Елен Андерсон.
Сликовницата „Мимбо Џимбо и долгата зима“ е како создадена за овие студени денови и ја раскажува приказната за проблемот што ги снаоѓа веселото слонче Мимбо Џимбо и неговите пријатели. Наместо долгоочекуваната пролет, одеднаш доаѓа зимата, и тоа преку чудни снежни наноси што никогаш не биле видени во Африка. Кој е виновен и што да се прави сега? Како пријателите да го натераат Зимскиот Дух да отпатува назад кон Северниот Пол и да ги спаси животните од студ? Прекрасна авантура со текст и илустрации на Данецот Јакоб Мартин Стрид.
Објавена со поддршка на Данската фондација за уметност.
„Сонот на Ѕуница“ е сликовница за деца од 3 до 8 години. Приказната се испреплетува околу различни теми: верност, љубов, пријателство, но и смрт, разделба и осаменост, сето тоа преку игрите меѓу сонот и јавето на малечката Ѕуница. Фосфорни езера, црвени риби, прекрасни сини карпи, мистериозен даб, магичен замок; паѓање, летање, трчање и секако гласот на мајката – детскиот сон е најубавата земја во светот. Секое дете треба да го посети светот на Ѕуница!
Главниот лик во „Леле, ми се скрши срцето!“ е Мила, девојче што живее во синобело егејско гратче полно со маслинови дрвја. Бидејќи нејзините другарчиња одбиваат да играат со неа, нејзиното мало срце се крши. Книгата со хумористичен тон му ги претставува на читателот различните начини на кои Мила се обидува да го зацели своето срце. Преку неа, богатите медитерански предели ќе ви ги стоплат срцата. Проблемите како што се вознемиреноста и тагата може да бидат збунувачки за малите деца. Со оваа приказна децата ќе ги препознаат своите чувства одблиску и ќе ја откријат важноста на споделувањето и дружењето.
Преводот на овие две книги е поддржан од Министерството за култура и туризам на Република Турција, во рамките на ТЕДА.
Во „Амелија Вампирозабовска и Варварскиот бал“, пак, ја запознаваме Амелија, која сака да си игра брканица со гоблини и да го гушка своето милениче тиква, Тиквичка. Мрази кога мора да оди на здодевниот Варварски бал организиран од мајка ѝ и татко ѝ. И уште нешто – Амелија е вампирка. Кога разгалениот принц на Ноктурнија ќе го зароби Тиквичка, Амелија мора да го испланира неговото храбро спасување. Но во Кралството на темнината работите не се такви какви што изгледаат…
Покрај попустите на новите изданија, „Антолог“ претставува и три оригинално спакувани пакетчиња со книги за деца по намалена цена од 1000 денари, со кои дефинитивно ќе ги израдувате вашите најмили:
– пакетче ЧИТАЈ МИ! (за деца од 0-6 години) – ги содржи книгите: „Мимбо Џимбо и долгата зима“, „Тино од мојот влез“, „Сонот на Ѕуница“ и „Новогодишен пречек“;
– пакетче ДА ЧИТАМЕ ЗАЕДНО! (за деца од 6-12 години) – ги содржи книгите: „Животот на Лота: Што блееш како овца?“, „Сафари на духот – приказни за будење на мудроста“, Кој сака да биде космонаут?, „Дете – тоа гордо звучи“ и „Златко-Златец“;
– пакетче ДАЈ МИ ЈАС ДА ЧИТАМ! (за деца од 12-16 години) – ги содржи книгите: „Амелија Вампирозабовска и Варварскиот бал“, „Голманката и морето“, „Тhe Game“, „Мојата откачена мамичка!“ и „Зелените луѓе“.
Во овој претпразничен период „Антолог“ секако не ги заборава и повозрасните читатели. Освен новите изданија и акциите со намалени цени, пред публиката ќе претстави и нов креативен производ каков што досега не бил достапен на пазарот на книги во Македонија – постер за гребење (scratch off poster) со 25 читачки предизвици за 2021 година.