Aлбанија

Во Тирана продолжуваат протестите поради убиството на 25-годишниот Клодјан Раша од страна на полициски службеник. Протестот почна идентично како и во средата, пред Министерството за внатрешни работи, каде што учесниците ја откорнаа железната ограда и почнаа да фрлаат железни прачки и пиротехнички средства врз кордонот полицајци.
Покрај повеќе од 800 полициски службеници, мораа да интервенираат и припадниците на специјалните полициски единици. Освен во Тирана, протести имаше уште во неколку албански градови.
Албанскиот министер за внатрешни работи, Сандер Леши, поднесе оставка по притисокот на јавноста во врска со убиството на 25-годишно момче за време на полицискиот час во земјата.
Младото момче беше убиено пред неколку дена, откако не одговорило на барањата на полициските службеници да запре поради кршење на полицискиот час, кој е во сила во текот на ноќта. Неговото убиство предизвика големи демонстрации и судир со полицијата во Тирана.
Албанскиот премиер Еди Рама преку видеопорака јавно побара извинување од семејството на 25-годишниот Клодјан Раша.