Зоран Заев преговара за идентитетот, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешните протести, од каде му порача на премиерот дека ќе одговара за велепредавство и ќе му се случи народ.
Мицкоски вели дека преговорите за идентитетот се очигледни од изјавите на историчарите од комисиите кои велат дека бугарската страна се противи за терминот Македонски кој што дирекно го означува нашиот идентитет.
– Сакам да му порачам: Народ има, и само ако се дрзнеш да чепнеш по нашиот македонски идентитет, по нашата култура, обичаи и традиција ќе видиш што е народ. Ќе ти се случи народ, но овој пат нема бегање од тој истиот народ – рече Мицкоски.
Тој го обвини Заев дека тргува за пари, а зад неговата попусливост се крие финансиски интерес. Мицкоски испрати и пораки до политичарите во Софија и до меѓународната заедница.
– Втората порака е до политичарите во нашиот источен сосед. Залудно преговарате со овие домат-дипломати, залудно преговарате, договарате, заедно мислите дека тоа што со нив мислите дека ќе го ставите на хартија ќе биде обврзувачко за нас. Еве ќе ве потсетам на тоа што го зборувам веќе со недели. Не постои такви парче хартија кое што ќе го почитува идната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, владата на национално единство. Никогаш нема да прифатиме таков ултиматиум. Последната моја порака е до нашите пријатели, нашите сојузници во Брисел, во Париз, во Берлин, во Виена, во земјите членки на ЕУ минус една. Знам често пати сме зборувале и тоа го зборував пред една недела токму овде. Знам дека вие го сакате овој народ, имате посебна емоција во вашите срца и за овој народ и за македонската држава и знам дека се ќе сторите за отпочнат тие долги очекувани преговори а ние ќе ви покажеме и докажеме дека знаеме и умееме по најкратката патека на најбрз начин да бидеме дел од тоа обединето европско семејство. Вас не ви треба домат дипломати кои што го распродаваат тоа кое што со крв го платиле нашите дедовци. Тоа го прават почитувани колеги од Брисел од Париз од Берлин од Виена за да можат дома да крадат. За да можат тука да го пљачкосуваат својот народ, таму коленичат и се веднат и распродаваат, за да можат дома да крадат – рече Мицкоски.
СДСМ до Мицкоски: Доста плачеш и лажеш, народот не те сака
Мицкоски, доста плачеш и доста лажеш, народот не те сака, на твоите лаги не ти веруваат ниту во твојата партија, порача владејачката СДСМ до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по неговото обраќање на денешниот протест.
– Мицкоски, доста лажеш и глумиш загриженост, факт е дека за идентитетот македонски, за македонскиот јазик ниту се преговара ниту ќе се преговара. Мицкоски, доста плачеш, граѓаните на 15 јули ти го покажаа патот на изборите, во опозиција каде уште долго ќе останеш. Граѓаните одбраа државата да продолжи напред кон развој и интеграција, Мицкоски останува сам, изолиран во сопствениот очај, во сопствената хистерија – наведе меѓудругото СДСМ во реакцијата.