Еден од начините да се запознаат одредена земја и нација е да се седне во еден ресторан и да се проба некој специјалитет што е карактеристичен за тоа поднебје. „Травел магазин“ направи гастропатување низ европската кујна и нејзините национални јадења.
– Пишувајте забелешки, ќе ви требаат кога ќе се отворат границите и кога коронавирусот ќе се стави под контрола – велат од магазинот.
Пиероги во Полска
Има толку многу причини да ја посетите Полска, но пробувањето на пиерогите треба да биде прво на листата. Овие мали кнедли можат да бидат исполнети буквално со што било! Класичната верзија вклучува компири и сирење, месо и зелка или само зеленчук. Исто така популарни како десерт, полнети со овошје и слатко сирење.
Тавче гравче во Македонија
Сигурно сте го пробале овој едноставен традиционален оброк, но вреди да се потсетите пак на овој деликатес од македонската кујна. Свежиот грав се вари во масло и сос од домати со еден тон кромид и зачини. Се послужува во земјен сад со домашен леб.
Канелбулар во Шведска
Буквално се преведува како ролни од цимет и можеме да кажеме дека се подобри од сите што сте ги пробале досега. Мекото и „подуено“ тесто, зачинето со кардамон, се премачкува со путер и се полни со цимет. Овие ролни најдобри се штотуку извадени од рерна и може да се најдат во повеќето шведски пекарници. Мирисаат на километри.
Лакрор во Албанија
Ова јадење е еден вид мешавина од турски бурек и грчка спанакопита, односно меко, путерско тесто, обично исполнето со мешавина од спанаќ или праз, јајца и јогурт. Исто така е јадење што го правеле и сè уште го прават баби, но исто така е достапно во пекарниците.
Каривурст во Германија
Сите знаеме дека Германците прават добри колбаси, но каривурст е нешто сосема друго, ново ниво. Оваа популарна улична храна вклучува сечкани колбаси прелиени со кечап, измешани со кари во прав. Звучи чудно, но е вкусно. Најдобро одат со помфрит и пиво.
Аранчини во Италија
Во Италија што и да пробате нема да погрешите. Ова е земја на гурмани и има најдобра европска кујна. Но пред да направите план за тестенини и пица, размислете за скромна аранчина. Тоа е топче ориз, полнето со месо, сирење или зеленчук, а потоа се пржи до златно совршенство. Оваа храна често се јаде како брза закуска или како ручек во движење.
Мекици во Бугарија
Ова традиционално бугарско печиво е некако како рамна крофна. Тестото се прави од јогурт, потоа се обликува во рамен диск и се пржи во многу масло. Обично се јаде за појадок, со шеќер во прав или се ужива со овошје и јогурт. Некои луѓе ја сакаат и солената опција со меко сирење.
Раклет во Швајцарија
Два збора – топено сирење. Се топи во тава. Обично се служи на компири со кисели краставички и кромид или, пак, со леб ако се јаде како улична храна во движење.
Бокадиљо де хамон во Шпанија
Изгледа како нормален сендвич со шунка, но никогаш не потценувајте добар бокадиљо де хамон. Внатрешноста на крцкави, но меки шпански багети често се натопува во маслиново масло и лук, проследено со слој тенка пушена шунка. Некои варијации може да содржат и манчо-сирење, пиперки, домати или маслинки.
Брамборак во Чешка
Во основа ова е палачинка од компир, но многу повкусна. Ренданиот компир се комбинира со јајца и зачини, а потоа се пржи. Тоа е вообичаена улична закуска низ целата земја.