Во дворот на ООУ „Владо Кантарџиев“ во Гевгелија

„Да ги направиме децата среќни секој ден, не само на Светскиот ден на детето“, порачаа со сини балони и со песна учениците од нижите одделенија и нивните наставници од ООУ“Владо Кантарџиев“ во Гевгелија на 20 ноември.
Во дворот на училиштето децата ја испеаја песната „За сите деца“, која беше изведена во далечната 1973 година и оттогаш е заштитен знак на фестивалот „Златно славејче“. Автор на текстот е Васил Пујовски, а на музиката и аранжманот Александар Џамбазов. И токму како што се пее во неа „за сите деца да биде сонце“, дечињата порачаа и да бидат среќни сите нивни другарчиња во светот. На крајот ги пуштија балоните во воздух, како и своите желби.
– Секое дете има свои желби, соништа, своја страст, почитувајте ги. Учете ги да бидат благодарни, кажете им колку ве прават среќни и задоволни што прават одредени работи. Децата брзо ќе сфатат дека среќата е во малите работи. Не приговарајте многу. Обидете се да бидете колку што можете помалку негативни и колку што можете помалку приговарајте, особено кога се вашите деца во близина.

Покажете им ја светлата страна на животот. За вашите деца да бидат оптимистични, прво вие мора да имате оптимистичен став кон животот. Поттикнувајте ги да помагаат во заедницата. На тој начин детето ќе направи добро дело и позитивно ќе влијае на другите луѓе, но и самото тоа ќе се чувствува среќно и исполнето. Не гледајте вести, барем не со децата, земете ги надвор, прошетајте во природа и уживајте во нивната радост – велат вработените од ова исклучително основно училиште.
ООУ „Владо Кантарџиев“ е прво по многу нешта, па и по тоа што меѓу првите во земјава ги вклучи децата со попреченост во редовната настава.

На тоа упатува и мотото на училиштето, кое гласи „Учам, се менувам, разликите ги прифаќам“.
„Овде сме сите еднакви: ученици, наставници, родители. Се почитуваме, толерираме, поучуваме, учиме. Се менуваме себеси како личности, тоа е нашата мисија. Овде учењето е процес на градење сопствени објаснувања за подобро сфаќање на реалноста и на себеси. Можеме и од ова повеќе, тоа е нашата визија“, стои запишано на влезот на училиштето. Љ.А.


Ода на детството

Една мудрост вака учи:
-Човек, тоа – гордо звучи!
Ти чекориш, дете – браво,
биди среќно, гордо, здраво,
расни, вишнеј, в љубов цветај –
ко славејче пеј и летај!
Расти в јаве и во сонот,
во ливада, крај бетонот…
Но запомни: кај и да си –
добра мисла да те краси!
Зашто ти си – иден човек,
памети го тоа довек!
Ај, секому дај му рака,
сакај го – да те сака,
помагај колку е можно –
со секој живеј сложно!

Киро Донев