Напнатоста меѓу Турција и Грција и земјите од овој дел од Медитеранот постојано расте, а меѓу нив се склучуваат различни сојузништва за искористување на правото за користење на резервите со гас, кои се проценуваат на 3,5 милиони кубни метри
Турција бара Кипар да се подели на две држави. Изјавата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во која говори за „две посебни држави“ на Кипар, според официјална Атина, е најновата провокација што доаѓа од Анкара и која дополнително ги влошува односите меѓу двете соседни земји, кои подолго време водат дипломатска војна за поделбата на ексклузивните економски зони во источниот Медитеран, кој е богат со резерви на природен гас.
Турција е единствената земја што го признава Северен Кипар како независна држава. Последните преговори за мир меѓу кипарските Грци и кипарските Турци во 2017 година, под покровителство на Обединетите нации, а врз основа на идејата за обединување на островот, пропаднаа. Турскиот претседател неделава се сретна со новоизбраниот лидер на самопрогласениот Северен Кипар, Ерсин Татар. Со неговата победа на претседателските избори минатиот месец може да дојде до понатамошно заострување на односите со меѓународното признаената влада во Никозија. Кипар се раздвои по турската инвазија во 1974 година, која беше одговор на државниот удар со кој Грција се обиде да го припои островот.
Напнатоста меѓу земјите од овој дел од Медитеранот постојано расте, а меѓу нив се склучуваат различни сојузништва за искористување на правото за користење на резервите со гас. Се проценува дека под тлото на источен Медитеран се наоѓаат резерви од 3,5 милиони кубни метри, а во случај на целосна експлоатација, годишното производство на природен гас би било на ниво од Венецуела и Нигерија. Дополнителни резерви на гас има и во басенот на Нил. Оттука и сѐ поголемата заинтересираност кај Египет, Кипар, Грција, Турција, Израел, Либан, Јордан и Палестина да придобијат поголем дел од природното богатство. Египет веќе почна со експлоатација на своите резерви на гас и нафта и станува регионален извозник. Либан, со помош на Франција и на Русија, наскоро треба да почне со комерцијални дупчења на нови наоѓалишта.
При неодамнешната посета на египетскиот претседател Абдел Фатан ал-Сиси на Атина се разговарало за постигнување договор за спротивставување на едностраните мерки за експлоатација на полиња со природен гас во источниот Медитеран, а овие предупредувања во прв план се насочени кон Турција, пишува во анализата на „Ал џезира“.
Турција со сомневање гледа на египетско-грчките договори, кои се продолжение на низата судири меѓу земјите околу источниот Медитеран. Владата на Ердоган повеќепати предупредуваше дека сака да ја ограничи својата територија, а турскиот министер за одбрана Хулуси Акар изјави дека неговата земја нема да остане рамнодушна на египетско-грчките односи во источниот Медитеран и дека презеле потребни чекори да ги заштитат сопствените права и интереси.
Мохамед ал-Завави, египетски експерт во областа на политичките науки, вели дека односот меѓу Египет и Грција сѐ уште не може да се опише како сојузнички.
– Посетата на египетскиот претседател на Грција е во рамките на јакнење на соработката во источниот Медитеран, особено за прашањето за обележување на морските граници меѓу двете земји, а потоа и за одредувањето на економските зони на секоја држава. Состојбата сѐ уште е далеку од воена конфронтација, па и од формирање регионални сојузи што може да ѝ наштетат на Турција без одобрување од САД. Турција останува основен столб во западната безбедноста структура, а Вашингтон не може да поднесе таа да помине на руската страна – изјави Завави.
Турскиот истражувач и колумнист Абдулах Ајдоган ја отфрла можноста за избувнување војна во спорните области во Медитеранот, но не исклучува можни помали инциденти од грчка страна, врз основа на наредбата на турската војска директно да се гаѓа кој било грчки брод или пловило што се приближува на подрачјата во кои истражуваат турските тимови, пренесува „Ал џезира“.