Италија со стратегијата за водород тешка 10 млд. евра
Италија ги утврди насоките во стратегијата за водород, планирајќи 10 милијарди евра инвестиции до крајот на оваа деценија во рамките на обидите да се намали емисијата на штетни гасови и да се поддржи производството на енергија од обновливи извори.
Министерството за индустрија цели на 10 милијарди евра инвестирање во секторот водород до 2030 година, а половина од износот би требало да се обезбеди од европските фондови и приватниот сектор, се вели во нацрт-документот во кој имаше увид агенцијата „Ројтерс“.
За да се зголеми производството на „зелен“ водород, во тој период би требало да се инсталираат околу пет гигавати капацитети за електролиза, за потребите на издвојување на водородот од водата, се наведува во документот.
До 2030 година водородот би можел да намирува два отсто од потребите на Италија за енергија и да помогне во намалувањето на емисијата на штетни гасови до осум милиони тони, се вели во документот на италијанското министерство за индустрија. Тој удел до 2050 година би можел да порасне и на 20 отсто.
„Фолксваген“ ќе инвестира милијарда евра во фабриката во Словачка
Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ информира дека ќе вложи милијарда евра во фабриката во Словачка, по откажувањето на изградбата на фабрика во Турција под влијание на корона-кризата.
– Во план е инвестиција од вкупно милијарда евра за производство на цела палета модели во Словачка – изјави на прес-конференција претседателот на разгранокот на „Фолксваген“ за Словачка, Оливер Грунберг.
Тој додаде дека производствениот капацитет на фабриката, која минатата година произведе 377.750 автомобили, главно моделите „ауди ку7“ и „порше кајен“, наменети за извоз, нема да се менува.
Инвестицијата ќе резултира со отворање на 2.000 работни места во следните години.
Инвеститорите бараат од европските компании податоци за климатските
трошоци
Инвеститорите побараа од големите европски компании во нивните финансиски извештаи да ги наведат и податоците за трошоците поврзани со климатските промени, сигнализирајќи дека капиталот во иднина ќе го насочуваат во согласност со целите од Парискиот климатски договор.
Група европски и американски инвеститори се сомневаат дека билансите на компаниите почиваат врз претпоставките за варијабилните вредности на цената на нафтата, даноците за јаглерод и векот на траење на имотот поврзан со фосилните горива.
Таквите претпоставки не се споиви со Парискиот климатски договор и планираната нето-нулта емисија на јаглеродни гасови, предупредуваат инвеститорите што управуваат со имот во вкупна вредност од 9.000 милијарди долари.
Поради тоа, тие на адресите на 36 компании со големи емисии на јаглеродни соединенија испратиле писмо со насоки за пресметка на веројатното влијание на Парискиот договор на идната добивка.