Со неодамна завршениот гасовод „Турски тек“, регионот добива стабилно снабдување со гас и дополнителна финансиска бенефиција, додека Македонија останува на истото ниво бидејќи тој нема да поминува низ нашата територија. Сепак, постојат алтернативи и за Македонија

„Турскиот тек“ е завршен и со тоа може да се снабдуваат со гас Бугарија, Србија Босна и Херцеговина и дел од Унгарија, со што е обезбедена алтернатива на испораката на сино гориво преку Украина. Регионот добива стабилно снабдување со гас и дополнителна финансиска бенефиција, додека Македонија останува на истото ниво бидејќи гасоводот нема да поминува низ нашата држава. Сепак, постојат алтернативи и за Македонија, бидејќи со изградбата на нашиот интерконекциски гасовод со грчкиот оператор за пренос – ДЕСФА, ние можеме да се снабдуваме и од ТАП и од грчките ЛНГ-терминали, како и од сите други извори на снабдување на ДЕСФА, но секако и преку постојниот интерконектор со Бугарија.
Според универзитетскиот професор Константин Димитров, Македонија останува на истото ниво, ќе добива гас толку колку што ќе може да плати, бидејќи тоа е стока како и сѐ друго.
– Досега тој гас доаѓаше од Русија, преку Украина, а сега ќе биде низ истиот цевковод, но ќе доаѓа преку Турција, односно преку „Турски тек“, кој влезе по истата цевка назад во Бугарија и нормално ќе може да се транспортира до Македонија. Но сега се овозможи и Србија да влезе сериозно во овој проект. Со тоа и тие добиваат финансиски придобивки, Бугарија си ги стекнува количествата што ѝ се потребни и што ги нема, ние ќе добиваме толку колку што ќе можеме да платиме и купиме, но транспортен цевковод низ Македонија нема да има најмалку во следните десет години – истакнува Димитров.

Амбициозен план на Владата

Од Владата велат дека имаат амбициозен план за гасификација и дека природниот гас е едно од горивата што значително ќе придонесе за енергетска транзиција до 2040 година.
– Бидејќи во моментов има само еден интерконективен гасовод, и тоа со Бугарија, и со намера да се исполнат особено целите за намалување на стакленичките гасови, за енергетска ефикасност и да се подобри безбедноста на снабдувањето со конкурентни цени, целта е да се спроведат проектите за изградба на интерконекциите за природен гас до Грција, Косово и до Србија. Преку гасоводот кон Грција, нашата држава може да пристапи до „Трансјадранскиот гасовод“ преку грчкиот преносен систем ДЕСФА, кој носи природен гас од Каспискиот Регион во Европа, но исто така ќе овозможи пристап до светските пазари преку Грција – велат надлежните од Владата.
Оттаму додаваат дека се очекува овој проект да овозможи пристап до пазарите на гас и да стимулира влез на трговците со природен гас на македонскиот пазар. Ова ќе овозможи поголема конкуренција и пазарно утврдување на цената на гасот што обезбедува одржливост на гасниот сектор по конкурентна цена.
– За интерконекцијата со Грција, за која е поднесено барање за техничка помош (100 отсто грант) за изработка на тендерска документација за градба и надзор над градежништвото, должината на трасата на нашата територија е 66 километри и таа поминува по должината на трасата на нафтоводот.

Гасоводот до Србија може да обезбеди дополнителен алтернативен извор и можност за транзит на македонскиот систем, додека врската со Косово може да обезбеди можност за транзит. И двете интерконекции можат да ја зголемат стапката на искористеност на системот и имаат потенцијал да ги намалат тарифите и да помогнат во напорите за гасификација во Македонија – сметаат од Владата.
Како што велат тие, проектите за гасоводи до Косово и до Србија се наоѓаат на прелиминарната листа што треба да биде усвоена од Министерскиот совет на Енергетската заедница на крајот на 2020 година, додека проектот за гас кон Грција е веќе вклучен на списокот и е верификуван на 14 октомври 2016 година од страна на Министерскиот совет на Енергетската заедница.

Бугарија регионален дистрибутивен центар

Инаку, со спроведувањето на проектот „Турскиот тек“, Бугарија ќе стане регионален стратегиски центар за дистрибуција на гас и ќе гарантира диверзификација на снабдувањето со гас. „Балканскиот тек“, всушност, е продолжение на гасоводот „Турски тек“ преку Бугарија. „Турски тек“, кој беше пуштен во употреба на 8 јануари 2020 година, се протега по дното на Црно Море од Русија до бреговите на Турција, а оттаму еден крак оди преку Бугарија и Србија до Унгарија. Капацитетот на гасоводот од 930 километри е 31,5 милијарда кубни метри гас годишно.
Рускиот гасен гигант „Гаспром“ со нетрпение чекаше Бугарите да ја завршат својата маршрута на „Турски тек“. Покрај тоа, ова е можност Србија да престане да ѝ плаќа казни на Унгарија за купениот, а неповлечениот енергент.
Душан Бајатовиќ, генерален директор на „Србијагас“, изјави дека компанијата „Гастранс“ го изгради гасоводот на територијата на Србија од границата со Бугарија во околината на Заечар до Унгарија кај Хоргош во должина од 402 километри.

Гасоводот има и четири мерни станици за гас, како и станици за компресори. Во јануари 2019 година, Бугарија донесе одлука за продолжување на филијалата на „Турски тек“ во Србија и во врска со тоа, српскиот претседател Александар Вучиќ вети во октомври 2020 година дека земјата ќе ја заврши изградбата на гасоводот од Бугарија до крајот на годината.
Воислав Вулетиќ, претседател на Здружението за гас на Србија, вели дека со завршувањето на овој важен проект, Европската Унија (даде зелено светло за изградба на овој гасовод) конечно покажа независност од Вашингтон, бидејќи сфати дека има друг гас во количествата што им се потребни.
– Најновите процени зборуваат за фактот дека рускиот гас ќе се побарува сѐ повеќе и дека потрошувачката ќе се зголеми од сегашните 500 милијарди кубни метри гас на 750 милијарди до 2030 година – вели Вулетиќ.
Тој додава дека туркменскиот гас, кој требаше да се користи за дел од потребите на ЕУ, беше пренасочен кон Кина, така што Европа, која троши гас, нема многу избор и затоа е многу добро што овој проект виде светло на денот – заклучува Вулетиќ.