Во изложбениот салон на Центарот за култура во Кичево е отворена изложбата на фотографии „Карневали“, на познатиот мајстор на фотографијата Дражан Брачиќ. Самиот наслов на изложбата зборува за лајтмотивот, на овие фотографии се прикажани карневалите низ земјава организирани во Вевчани, Прилеп и во Битола, во периодот 2012-2018 година.
– Карневалите имаат долга традиција и допираат во историјата на човештвото, тие постојат уште од пагански времиња кога се прославувале важни моменти (зимска и пролетна рамноденица, промена на годишните времиња), па до критика и сатира кон власта, а опстанале до денес. Авторот има чест неколку негови фотографии од овие карневали да бидат дел и на меѓународната изложба „Словенски карневали“ отворена 2014 година во седиштето на УНЕСКО во Париз, на која учествувале земји од Европа.
Изложбата претставува само мал дел од тие настани со кои авторот сака да прикаже дел од атмосферата и разноликоста на идеите и фантазијата на учесниците – велат од Центарот за култура во Кичево.
Дражан Брачиќ досега има учествувано на седумдесетина групни и четири самостојни изложби. Над 150 негови фотографии се дел од многу книги, каталози, плакати, учесник на голем број ТВ-емисии на теми за фотографија и уметност.