КОШАРКА
На Златибор почна трката за влез во Првата јадранска лига
На Златибор (Србија) вчера и официјално почна Втората јадранска лига во кошарка, а предвидено е до 18 ноември да се одиграат првите четири кола. Ќе настапат вкупно 14 екипи, меѓу кои и македонските претставници МЗТ Скопје и Работнички. Ова е првиот од предвидените три турнира во т.н. „балони“, по што ќе следува плејофот за влез во Првата јадранска лига.
Засега не е познато каде ќе бидат одржани другите два турнира од регуларниот дел на сезоната, пред сѐ поради актуелната ситуација со коронавирусот. Плејоф-дуелите се планира да се играат по вообичаениот систем, со мечеви дома и на гости. Ако здравствената ситуација, сепак, не го дозволи тоа, тогаш и нокаут-фазата ќе се игра во т.н. балон.
Двојки 1. коло, вчера: Слобода – Ловќен, Студентски центар – Работнички, Хелиос Домжале – Младост. Денеска: Борац БЛ – Спарс Сараево (13 ч.), МЗТ Скопје – Подгорица (17 ч.), Сутјеска – Златибор (21 ч). Утре: Широки – Горица (13 ч.). Г.И.
РЕЈТИНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ
Карлсен 113-ти пат е шахист број еден во светот
Норвежанецот и актуелен светски првак, велемајсторот (ВМ) Магнус Карлсен, има еден рејтинг-поен помалку (2.862) во однос на претходното рангирање, но 113-ти пат во низа е број еден на ранг-листата на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), овој пат за ноември годинава. Американецот Фабијано Каруана загуби пет бода, но остана број два во светот (2.823). Кај шахистките Русинката Александра Горијачкина е новиот број два на ранг-листата (2.592 поени), а води Кинезинката Хоу Јифан (2.658).
Водечки пет во Македонија, мажи: Кирил Георгиев (2.589), ИМ Филип Панчевски (2.519), ВМ Никола Митков (2.518), ВМ Трајко Недев (2.485), ВМ Владимир Георгиев (2.461). Жени: ЖФМ Моника Стојковска (2.106),Бојана Бејатовиќ (2.031), Павлина Пауновска (2.012), ЖИМ Габриела Коскоска (2.003), Сања Трајковска (1.968). Македонија моментално е на 50-та позиција во светот (2.472 рејтинг-поени), во конкуренција на 184 држави, а води Русија (2.739), пред САД (2.715) и Кина (2.705). Г.И.
ТЕНИС – СО ПОБЕДАТА ВО ПАРИЗ
Медведев го престигна Федерер на АТП-листата
Рускиот тенисер Данил Медведев е победник на последниот годинашен мастерс-турнир од серијата 1.000, што се играше во Париз, откако во финалето за 127 минути игра го совлада Германецот Александар Зверев, со 5-7, 6-4 и 6-1 во сетови. За 24-годишниот Медведев ова е трета титула во кариерата од мастерс-турнирите од оваа серија, а вкупно осми АТП-триумф. Минатата година тој ги освои мастерсите во Синсинати и во Шангај.
Победата на Медведев му донесе и скок на четвртата позиција на АТП-листата, веднаш зад Австриецот Доминик Тим, така што од вчера тој зад себе го остави Швајцарецот Роже Федерер. Та.Д.